Герасимовски: Вклучувањето на граѓаните во креирањето на буџетот е значајно за развојот на Центар

„Состојбата на „50. дивизија“ е слика кога ВМРО-ДПМНЕ даваше дозволи за градба без паркинг-места“, реагира Општина Центар

пред 3 месеци

„ВМРО-ДПМНЕ ОК Центар денеска зборува за хаос во паркирањето, ама не зборува дека директен виновник за тоа е нивното 12-годишно недомаќинско работење во Општината. Општина Центар потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ е таа што издаваше дозволи за градба, без доволен број паркинг-места за потоа да ги пренамени во деловни објекти“, реагира Општина Центар на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ ОК Центар.

„Да се грижеше толку ВМРО-ДПМНЕ ОК Центар за паркирањето, немаше да троши пари на непродуктивни проекти, како лавови, тигри, врби, галиите во Вардар и слично.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ и нивното работење, во Општина Центар по подолг период, се изработени и одобрени нови сообраќајни проекти и паркинг-решенија за режим на сообраќај во населбите Дебар Маало, Буњаковец, Парк, Капиштец и Старо Водно, со што се зголемуваат безбедноста во сообраќајот и ефикасноста во регулирање на паркирањето.

Се регулира паркинг-просторот зад објектот на Владата во секторот Парк, во близина на „Жабар“. Се ослободија претходно узурпирани паркинг-простори на повеќе локации, меѓу кои и улицата Тетовска, и тие се наменети за резидентите во тој сектор.

Изработен е целосно нов паркинг до ООУ „Коле Неделковски“ во Дебар Маало и се реконструира и пушти во употреба нов паркинг зад Народната банка и нов резидентен паркинг во Буњаковец. Голем број нови резидентни паркиралишта пренаменети од комерцијални, дури и на поголеми улици што досега не било пракса, како, на пример, реконструираните улици Орце Николов и Ленинова. Резидентни паркирања се воведоа и зад Домот на АРМ, зад „Даре Џамбаз“, како и на улицата 50. дивизија бр. 34 и на соседната до неа улица 1738, каде што во согласност со жителите исто така се воведени резидентни паркинзи.

Градоначалникот Горан Герасимовски на чело на Општина Центар успеа да реши децениски проблем на граѓаните со донесување на новиот ДУП за Клиничкиот центар и за Геолошкиот завод, со кој се предвидува паркинг за речиси 600 возила, нова градинка и парковско уредување.

Фотографиите со кои денеска ВМРО-ДПМНЕ мавта пред медиумите се слични како општините во кои тие ја имаат локалната власт. Да не заборавиме дека во општина Центар како централно подрачје на Скопје има најголема фреквенција на луѓе, институции, болници, културни центри.

Општина Центар и граѓаните никогаш нема да ги заборават корумпираното и недомаќинско владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Истовремено, Општина Центар ги советува во ОК Центар да се консултираат со соодветни лица од областа на сообраќајот кога објавуваат вакви бледи напади бидејќи пратените фотографии претставуваат непрописно паркирање, кое нема поврзаност со резидентни или нерезидентни паркинзи. За ваквото паркирање, ингеренции за санкционирање има Министерството за внатрешни работи, а не Општината“, се додава во реакцијата на Општина Центар.

Текстот „Состојбата на „50. дивизија“ е слика кога ВМРО-ДПМНЕ даваше дозволи за градба без паркинг-места“, реагира Општина Центар е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top