Барам што поскоро ослободување на Салиу и расветлување на случајот, вели Таравари
Кандидатот за претседател од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, го осуди апсењето на новинарот Фуркан Салиу, а од неговиот прес-центар велат дека реакцијата е спротивставување на, како што кажаа оттаму, акцијата спроведена под сомнителни услови.
Таравари бара итно ослободување на новинарот и целосно расчистување на случајот.
„Го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Според сите докази, неговото апсење е извршено под услови на извршување на неговата професија. Барам што поскоро ослободување на Салиу и расветлување на случајот. Се сеќавам и на изјавата на Леке Дукаѓини: Гласникот не е виновен за веста што ја дава! Не го осудувајте гласникот туку веста“,
реагира Таравари.
Попладнево, Салиу е уапсен за време на полициска интервенција на фудбалски натпревар во селото Средно Коњари.
Од МВР тврдат дека тој е уапсен поради напад на полициски службеници.
Претходно, член на семејството на новинарот Салиу за „360 степени“ рече дека тој заедно со неговиот снимател го следел фудбалскиот натпревар при што полицијата тргнала да апси младо момче. Салиу им се спротивставил и почнал да ги прашува зошто го прават тоа, по што бил совладан и приведен, кажа нашиот соговорник.