(Видео) Еруптираше индонезиски вулкан. Повеќе од 800 луѓе се евакуирани


Индонезија го затвори својот регионален аеродром и евакуираше стотици луѓе од областа околу вулканот Руанг бидејќи со денови исфрла експлозивни облаци од лава, камења и пепел, соопштија денеска локалните власти. Властите прогласија највисок степен на подготвеност поради ерупцијата на вулканот.

Вулканот, кој се наоѓа на островот Руанг, на околу 100 километри од главниот град на провинцијата Манадо, еруптираше повеќе од три пати од вторникот. На видеото кое се појави на социјалните мрежи може да се види дека Руанг вчера фрлил вжештена лава дури три километри во воздух, пишува Ројтерс.

„Ајде да бегаме, пепелта доаѓа“
„Да бегаме, момци. Ајде да бегаме, пепелта доаѓа“, рекол еден од сведоците кој ја снимил ерупцијата. Властите досега евакуираа повеќе од 800 луѓе и дополнително ја проширија зоната на евакуација. Индонезискиот центар за вулканологија и ублажување на геолошките опасности (ПВМБГ) предупредува дека постои голема веројатност за понатамошни ерупции.

Агенцијата добила и извештаи дека камењата и пепелта оштетиле куќи и дека блиската болница морала да ги евакуира персоналот и пациентите. Сообраќајните власти го затворија аеродромот во главниот град на провинцијата Манадо. Нискобуџетната авиокомпанија Ер Азија ги откажа летовите од девет аеродроми во Источна Малезија и Брунеи, откако воздухопловните власти предупредија на безбедносна закана.

 

Монструозна ерупција на вулканот Руанг, северно од Сулавеси, Индонезија со пепел што достигнува 63.000 стапки или 19.000 метри во атмосферата. Се гледа и на сателитски снимки.

„Мораме веднаш да евакуираме околу 1.500 луѓе“
Индонезија огради област од околу шест километри околу вулканот. „Мораме веднаш да евакуираме околу 1.500 луѓе во областите со висок ризик“, рече Абдул Мухари, портпарол на агенцијата за ублажување на катастрофи.

Ерупцијата Руанг беше предизвикана од неодамнешните земјотреси на островот. Индонезија се наоѓа на таканаречениот Пацифички огнен прстен, област со висока сеизмичка активност која се наоѓа над повеќе тектонски плочи.