Што предвидува Предлог-законот за нефер трговски практики и дали ќе го реши проблемот со зголемување на цените


Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска ги повика пратениците да го изгласаат законот за нефер трговски практики, бидејќи, како што вели, само на тој начин институционално ќе се реши проблемот со евентуално зголемување на цени кои не се пазарни. 

Во изјава за медиуми по настанот за Индустрискиот ден на НАТО, вицепремиерот истакна дека Државниот пазарен инспекторат е секојдневно на терен.

„Во прв момент кога ќе ни стигне извештајот дали и кои производи имаат зголемени цени, ќе се укаже и во јавноста, особено ако тоа се прави на организиран начин, рече тој.

Во врска со Комисиајта за заштита на конкурентност, тој информираше дека веќе има една претставка, и очекува новиот состав на Комисијата да ја забрза работата за доколку забележи организиран начин на зголемување на цени, тоа да го спречи. 

Предлог законот за нефер трговски практики денеска е на дневен ред на комисиска расправа во Собранието.

Овој Предлог-закон треба да помине и на Законодавно-правната комисија за потоа пратениците да расправаат за него на пленарна седница.

Со донесувањето на Предлог законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот на снабдување со земјоделство и храна. Надлежните очекуваат да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи. 

 Предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи во второ читање е ставен на дневен ред на денешната 75. седница на Комисијата за европски прашања закажана за 13 часот. Членовите на оваа собраниска Комисија се очекува да дискутираат и за Предлог законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.

Предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи треба да помине и на собраниската Законодавно-правната комисија, за потоа пратениците да расправаат за него на пленарна седница.

Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, со донесувањето на Предлог законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Со Предлог законот, како што се посочува во образложението, се обезбедува начинот за поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност.

„За таа цел, Комисијата е должна сите нејзини акти да ги усогласи со одредбите на овој предлог и да обезбеди потребни ресурси на технички, технолошки и квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите во предлог-законот, во рок од шест месеци од денот на негово влегување во сила. Предлог на Законот има за цел да ја регулира постапката за изведување докази и прекршочната постапка, да утврди висината на глобата за сторен прекршок и решенијата кои Комисијата ги донесува, за одлучување по прекршок, се вели во образложението на Предлог-законот.

Надлежните очекуваат да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

Министерството за економија токму поради тоа не ја продолжи одлуката за гарантирани цени која важеше до 29 февруари. 

Голем број прехранбени производи со ознаката „гарантирана цена“ од 20 септември лани се продаваа во маркетите по цена за 10 проценти пониска од износот на 1 август 2023 година, согласно одлуката на Министерството за економија, чија важност заврши на 1 март.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски во петокот на прес-конференција рече дека нивните првични информации покажуваат дека дел од маркетите ги немаат зголемено цените, но дел ги имаат. Посочи дека е можно извесно зголемување на цените, но апелираше на општествена одговорност на трговците на големо и трговците на мало. Toј потенцира дека не можат да влијаат на цените, но оти верува дека дел од големите ланци на маркети ќе прават акции со кои ќе има намалувања на одредени прехранбени производи.