На денешниот настан, кој невообичаено се одржа во 1 часот по полноќ по наше време, Apple ги претстави М3 чиповите, овој пат три верзии заедно кои обично ги претставува во два различни периоди.

Заедно со овие чипови, од компанијата ги претставија и првите компјутери кои ќе работат на нив, па тука е освежувањето на веќе две години стариот iMac 24 инчен, а секако тука се и новите верзии од MacBook Pro.

Овој пат, како основен MacBook Pro ќе се смета 14 инчната верзија која ќе работи на М3 чипот, а не како новата 13 инчна верзија со М2. Со ова се става крај и на последниот MacBook Pro со Touch Bar.

Поради ова, претставени се три пет нови модели, односно MacBook Pro 14 со М3 и уште четири модели составени од MacBook Pro со 14 и 16 инчни екрани и M3 Pro и М3 Max верзии.

Дополнително, MacBook Pro добива и нова потемна боја, наречена Space Black, а изгледа дека истата ќе биде доста популарна кај корисниците.

Како што е случајот и со новиот iMac, така и кај MacBook Pro серијата, главната новина која доаѓа со М3 чипот е поврзана со графичкиот процесор. Корисниците добиваат доста големо подобрување на перформансите, а тука е и за првпат поддршката за „ray tracing“ и „mesh shading“.

Ова секако е важно за „гејмерите“, но со оглед на тоа што оваа платформа не е баш позната по игрите, посебно подобрување ќе имаат 3Д дизајнерите и сличните професионалци.

Ставањето на акцентот на графичкиот процесор, не значи дека и останатиот дел од чипот нема подобрувања. Процесорот, кој сега е дел од чип направен на 3nm архитектура, донесува доволно подобрување на перформансите, а посебно ако корисниците доаѓаат од нешто постар компјутер, односно со М1 или Intel.

Apple стандардно дава примери за подобрувањата при „рендерирање“ на видео содржина или „компајлирање“ код, каде подобрувањата се движат и до 7,4 пати во споредба со постарите модели со Intel процесори.

Добро со овие нови модели е што корисниците кои сакааат MacBook Pro веќе нема да мора да ги купуваат поскапите модели со Pro или Max додавката на чипот, како и помалиот 13 инчен модел, па ќе имаат одлична опција со „понормална“ цена, секако доколку не им е потребна дополнителната моќ.

ИЗВОРApple
Претходна статијаМакедонски Телеком оствари успешни резултати од работењето во третиот квартал од 2023 година
Следна статијаFacebook и Instagram во Европа ќе можат да се користат со месечна претплата и без реклами
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.