Анкета на Детектор: Образованието во Македонија е неквалитетно, граѓаните незадоволни од учебниците, наставниците…

Учебници, Фото: Архива

Високи 57,3 отсто од македонските граѓани сметаат дека државава има неквалитетно образование, а 35,6 отсто се убедени дека има квалитет, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС).

Податоците од анкетата покажуваат дека незадоволството кај граѓаните од образованието денеска е поголемо отколку во 2019 година кога нездоволство од образованието имаше кај 51,6 отсто од анкетираните граѓани.

Ако се гледа според образованието на анкетираните, анкетата покажува дека колку што е повисоко образованието на испитаниците, толку е и поголемо нивното незадоволство. Па така, 67,2 проценти од граѓаните со високо образование сметаат дека образованието во земјава не е квалитетно. Слично мислење имаат и оние граѓани кои имаат завршено средно образование-61,3 проценти сметаат дека имаме неквалитетно образование.

Основното образование заедно со средното е најниско оценето од граѓаните. На скалата од 1 до 5 основното образование има средна оценка 2,65, а средното 2,64, додека средната оценка за високото образование е 2,73.

Споредено со анкетата на Детектор од 2019 година, граѓаните на сите нивоа на образованието ги намалиле оценките. Па така, средната оценка на основното образование од 2,85 паднала на 2,65, на средното од 2,73 се спуштила на 2,64, а на основното од 2,84 се намалила на 2,73.

Граѓаните се најнезадоволни од квалитетот на учебниците. Дури 64,8 отсто од нив изразиле незадоволство од квалитетот на учебниците додека како задоволни се изјасниле само 19,6 отсто
Големо незадоволство има и од наставните програми. Дури 56,8 проценти од граѓаните рекле дека не се задоволни од нив, а задоволни се 22,1 отсто. Од наставниот кадар не се задоволни 44,8 проценти од анкетираните додека 36 проценти немаат проблем со наставниците.

Споредено со пред пет години, граѓаните во големо мнозинство сметаат дека денеска имаме полошо образование. 56,3 отсто делат ваков став наспроти 25 отсто кои не гледаат некаква промена.

Само 9,6 проценти од анкетираните велат дека денеска образованието е на повисоко ниво споредено со состојбата од пред пет години. Истото прашање е поставено и на анкетата пред четири години, а тогаш 48,9 отсто сметале дека образованието во последните пет години станало полошо, наспроти 28,8 отсто кои не виделе промени и 18,3 проценти кои тогаш сметале дека образованието е на повисоко ниво споредено со претходните пет години.
Според истражувањето, 49 проценти од анкетираните велат дека квалитетот на образовниот процес во нашата земја во споредба со земјите од регионот е полош. Една четвртина сметаат дека е сличен, а само 5,7 проценти сметаат дека Македонија има подобро образование од земјите од регионот.

Детектор укажува дека и тука споредбата со анкетата на ИПИС од 2019 покажува дека перцепциите се влошени. Тогаш, 40,1 процент сметале дека во регионот има подобро образование, близу 30 проценти не нашле некоја разлика а 10,4 проценти сметале дека во државава има поквалитетен образовен процес во однос на земјите од регионот.

-Главна причина според граѓаните зошто Македонија се наоѓа на најниските места на светските мерења за квалитетот на образованието е лошата наставна програма, став кој го делат 19,2 проценти од граѓаните. 15,5 проценти сметаат дека главна причина е несоодветниот наставен кадар, 12,7 проценти проблемот го гледаат во неквалитетните учебници, а 11 проценти лошите услови во училиштата, пишува во заклучокот.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена од 28 февруари до 3 март оваа година врз репрезентативен примерок од 1.107 испитаници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот