На 17 март (среда), со почеток во 12 часот, во НУ Центар за култура Крива Паланка ќе биде отворена изложба на карикатури од Меѓународниот фестивал за хумор и сатира “IN VINICA VERITAS 2023 “, кој го организира Домот на култура ,,Тошо Арсов“ Виница.

Годинешното издание е посветено на темата „Нештата стануват возможни“ , а како и секоја година, конкурсот за карикатура традиционално предизвикува голем интерес кај професионалните карикатуристи од целиот свет, што се потврдува со учество на 224 автори од 46 држави и со вкупно 622 карикатури.

Жирито е составено од интернационални и домашни претставници, а годинава за најдобри се прогласени акрикатурите на Фернандо Пица од Колумбија (прво место), Кианг Лио од Кина (2 место) и Хуан Габриел Бенавидес од Шпанија (3 место).

Фестивал за хумор и сатира “IN VINICA VERITAS” од Виница прват е востановен во 1993 година, но згаснува при крајот на 90-тите години од минатиот век. Се обновува во 2009 година кога добива и меѓународен акрактер и годинава слави 15-годишен јубилеј. Тој е еден од најпознатите и најинтригантни фестивали за карикатура, кој секоја година има различна интересна тема што е вистински предизвик за карикатуристите од целиот свет.

“IN VINICA VERITAS” е поддржан од Министерството за култура, а изложбата во НУ Центар за кутура од Крива Паланка е дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.