30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБрда и планини за пензионерите, но само пред избори?

Брда и планини за пензионерите, но само пред избори?

Во предизборниот период, политичките партии во Македонија секојдневно се натпреваруваат со ветувања за зголемување на пензиите.

Едни ветуваат линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, додека други ветуваат просечната пензија да достигне 500 евра до 2028 година.

Но, дали и колку овие ветувања се реални или се само празни зборови?

Денар на оваа тема разговараше со пензионер кој вели дека не е оптимист за тоа дека ветувањата на политичарите би станале реалност во догледно време.

„Јас сум од Гевгелија и цел живот сум работел чесно. Сега, кога слушам за овие ветувања, не можам да не бидам скептичен. Секоја година, истата приказна. Не верувам дека политичарите ќе ги исполнат своите ветувања. Ние, пензионерите, сме заборавени од секоја политичка партија уште истиот ден кога ќе завршат изборите“, ни изјави 67-годишниот Иван од Гевгелија.

И економистите се согласуваат дека ваквите ветувања се нереални.

„Предизборната реторика често е полна со маркетингшки трикови. Ветувањата за значително зголемување на пензиите без конкретен план за финансирање се опасни. Тие можат да доведат до зголемување на буџетскиот дефицит и да стават дополнителен притисок на економијата”, коментираат експертите.

Тие додаваат дека повеќе од очигледно е дека државата досега не покажала интерес да им помогне на пензионерите, туку ги гледа како финансиски товар.

„Пензионерите треба да бидат свесни во каква ситуација се наоѓа државата и не треба да очекуваат политичките партии драстично да им ги зголемат пензиите, затоа што Буџетот е таков каков што е, а сите знаеме дека оттаму не можат да се црпат пари неограничено. Во изминатите неколку години, пензионерите во Македонија не се ништо друго освен финансиски товар за државата, бидејќи, ако власта имаше реален интерес за оваа категорија граѓани, тогаш сигурно немаше да ги зголеми платите на функционерите за урнебесни 78 проценти. Напротив, ќе ги пренасочеше тие средства за зголемување на пензиите. Затоа, ги советувам пензионерите да не се залетуваат, бидејќи ќе останат разочарани“, велат економистите.

Времето ќе покаже дали овие ветувања ќе останат само на хартија или ќе се претворат во реалност за многуте кои се надеваат на подобро утре.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП