Ова е интегралното интервју на Љупчо Цветановски со академик Љупчо Коцарев, емитувано вечерва на ТВ АЛФА:

ЦВЕТАНОВСКИ: Утре е Први мај, па за избегаме од стереотипите, да стартуваме со, овој голем ден, ден на работниците, ден на трудот. Да го започнеме ова интервју со вашата порака до граѓаните на Република Македонија.

КОЦАРЕВ: Во говорот по повод првото одбележување на Први мај, во 1890 година, Еленор Маркс (ќерката на Маркс) ќе рече: „Не смееме да бидеме како некои христијани кои грешат шест дена и одат во црква седмиот ден, туку мораме секојдневно да зборуваме за каузата и да ги натераме сите, мажите, но особено жените, да се приклучат и да ни помогнат“, завршувајќи со стиховите на англискиот поет Перси Биш Шели: „Станете како лавови после сон / Во неприкосновен број / … / Вие сте многу – тие се малку“.

„Ноќва виното, во крвта ми е, / црвено вино, црвени знамиња, / црвено вино, црвени знамиња, / пред очите на сигурно“ – пееше „Меморија“. Честитајќи го празникот Први мај – меѓународниот ден на трудот, на сите граѓани во Македонија, ве повикувам на 8 мај одлучно да кажеме НЕ! за сите што го негираат македонството. Но, ова треба да биде аманет и за идната власт: таа треба одлучно да се спротивстави на негирањето на македонството, однадвор и одвнатре. До 2018 година Македонија беше признаена како „Република Македонија“ од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). Елементарна алгебра покажува дека во 2018 г. нашата земја беше именувана како Република Македонија од речиси 80 отсто од жителите на планетата Земја. Во еден ден, 17 јуни 2018 г., со еден потпис сето тоа беше избришано.

Македонци, парафразирајќи ја Еленор Маркс, ние мораме секојдневно да зборуваме за македонската кауза, со единствена цел повторно да ги придобиеме наште вистински пријатели – во 2018 година тие беа повеќе од шест милијарди граѓани на планетата Земја – тогаш, во 2018, не бевме сами, денес нив ги нема, денес, всушност, ние сме изолирани – оставени на ветрометина да не понижуваат и навредуваат сите, дури и одвнатре!

Флоскулата: „или интеграција во ЕУ или изолација“, претставува празна фраза, манипулација: државите како Велика Британија, Исланд, Норвешка, Турција, Сан Марино, Андора, Лихтенштајн, Ватикан, Монако, Швајцарија, на пример, не се членки на ЕУ и не се изолирани држави. Впрочем, и Република Македонија не е членка на ЕУ и не е изолирана држава. Каква е целта на упорното повторување: „или ЕУ или изолација“? Можеби сеење страв и раздор? Па затоа, на претстојните избори на 8 мај бираме меѓу безнадежна и недостоинствена Македонија што сегашната власт упорно ја промовира и надежта да изградиме достоинствена, хумана, солидарна и просперитетна Македонија во која „северномакедонците“ ќе бидат повторно Македонци за сите жители на планетата Земја.

Оттука, ги повикувам новите владејачки елити освен ветувањата за поголеми економски придобивки (на пример, зголемени пензии), што се несомнено есенцијални, да се обврзат дека ќе го бранат македонството: да го запомнат аманетот на Блаже Конески: „Послушајте Македонци, за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот ни претставува единствена наша комплетна татковина“. Сите, минатите и идните политички елити (од било која провиниенција) треба да го перципираат Блаже Конески за џин, колос, титан, а не за џуџе од Небрегово!

ЦВЕТАНОВСКИ: Да излеземе малку и од егоцентричноста, од „нашиот круг“, да одиме со геополитика. Малку дедукција, од општото кон посебното. Наредните прашања се однесуваат токму за геополитичките збиднувања во светот. Кои се, според вашето мислење, основните/базичните геополитички настани во изминатите триесетина години?

КОЦАРЕВ: По падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и распадот на комунистичките режими, започна енормна политичка, економска и културна офанзива со цел Западот и особено Соединетите Американски Држави да капитализираат од победата во Студената војна и да завладеат со сите пространства и земји на уништениот социјалистички сон, при тоа водејќи се од тврдењето дека американската глобална хегемонија е идеален поредок, па затоа, треба да опстои тежнеењето за нејзината непроменливост, политичка вечност. Кон ова бесмислено тврдење треба да се додаде сеништето на денес заборавените седум договори од Локарно, според коишто европските граници беа ефективно поделени во две групи: фиксирани, гарантирани западни граници и негарантирани, неизвесни, порозни источни граници. Тие стапија на сила на 10 септември 1926 година, кога Германија стана членка на Лигата на народите, додека пак, за да биде уште еднаш потврдено арогантното однесување на Западот кон останатите, министрите за надворешни работи на Германија и Франција за нивниот придонес во изработката на договорите, беа наградени со Нобеловата награда за мир во 1926 година.

Лицемерниот, арогантниот и манипулативен пристап на Западот во одржувањето на американскиот хегемон е толку видлив и очигледен што нема потреба за него да се елаборира детално: светот подолго време, особено од Втората светска војна, е игротека на САД – без поддршка на меѓународно право и меѓународните организации бевме и сеуште сме сведоци за „оправданите и праведни“ воени акции, бомбардирања, масакрирања, менување влади… воени акции во Југославија, Авганистан, Ирак, Сирија, Либија…, но и безброј други интервенции. Врв на нивната арогантност беше бомбардирањето на Амбасадата на НР Кина во Белград! И, да, се разбира дека сите инвазии, не само руската инвазија во Украина, се нелегални, неправедни и штетни.

Всушност, вистинското уривање на светскиот поредок, како што тоа го забележува професорот Мирослав Грчев, уреден по Втората светска војна почна – и сè уште трае – со манипулирањето за антифашистичкиот отпор во Европа и за нејзиното ослободување од страна на Америка и Велика Британија, како и со денешната верзија е дека Црвената армија само ја ширеше Сталиновата империја, заменувајќи им го на источните и централните Европејци нацистичкото ропство со социјалистичко. Оваа фашистичка лага е денес таканаречената „конвенционална мудрост“ на официјална Европа, Британија и Америка. Децата ја учат уште во основно училиште, политичарите изгласуваат декларации во Европскиот парламент со овие гнасни лаги, лесно соборливи, дури прелесно за секој што има и грам човечко достоинство и самопочит. Но, никој не проверува, а нема и зошто: лагата е толку широко прифатена што е вон сечија памет да се посомнева во неа. А, стамена е вистината дека пред Втората светска војна и за целото време на нејзиното траење, единствениот организиран и траен отпор во од нацистите окупираната Европа го даваа комунистите. Непобитен факт е дека масивна антифашистичка војна во Европа од 1941 до 1944 година со фашистичките сили водеа единствено Црвената Армија на Советскиот Сојуз и Народноослободителната војска и партизанските одреди на Југославија. Поради тоа, само Советскиот Сојуз и Југославија без непосредна надворешна помош се ослободија од нацизмот, Црвената армија безмалку самата ја победи фашистичката Европа во германска униформа, а овие словенски земји – заедно со Полска – ги поднесоа и најголемите жртви во војната: Полска изгуби 18 отсто од населението, Советскиот Сојуз 15 отсто, а Југославија 12 отсто.

ЦВЕТАНОВСКИ: Каков ќе биде, според вашето мислење, геополитичкиот поредок во наредните години?

КОЦАРЕВ: Геополитичката слика на светот ќе биде определена од односот меѓу Кина и САД. Односите на САД и Кина во период по Втората светска војна до денес се карактеризираат од целосно негирање (период до 1972 година), преку соживот и постепено отворање на Кина (период од 1972 до 1978 година), до, последната фаза, целосно економско отворање (период од 1978 година до денес). На 13 декември 1978 година, Денг Ксијаопинг ја објави политиката на отворена врата, поканувајќи ги странски бизниси и охрабрувајќи ги членовите на партијата да „ги еманципираат своите умови“. Две недели подоцна, пристигнаа првите шишиња кока-кола во Кина.

Во периодот по 1978 година, двете држави (молчеливо) се договорија за меѓусебна поврзаност: САД понуди знаење и технологија (заради задоволување на потребите на неговиот бизнис), додека Кина, за возврат, понуди евтина работна сила. Меѓутоа, оваа поврзаност не беше само економска, за САД тоа преставуваше обид, со промени, да ја ограничи политичката моќ на Кина. Од друга страна, за Кина тоа значеше можност за глобална пенетрација. Во меѓувреме, Кинезите се здобија со пософистицирана технологија, а американските големи компании (технологии) се научија на софистициран пристап во дигиталниот авторитаризам.

Оваа симбиоза доведе до енормен економски подем на Кина. Бројките што зборуваат за економскиот подем на Кина по 1980 година се повеќе од фантастични, дури шокантни. Професорот по политички науки од Харвард, Греам Алисон (Graham T. Allison), во својата книга „Предодредени за војна: Дали Америка и Кина можат да ја избегнат стапицата на Тукидид?“ од 2017 година, ги наведува следните факти:

(1) БДП на Кина, помал од 300 милијарди американски долари во 1980 година, порасна на 11 трилиони американски долари во 2015 година,

(2) вкупната трговија на земјата со надворешниот свет од 40 милијарди американски долари во 1980 година, порасна, во 2015 година, на 4 трилиони долари (стократно зголемување),

(3) од рецесијата во 2008 година, 40 проценти од целиот економски раст во светот се случува само во една земја: Кина.

За крај, Алисон го цитира основачот на Сингапур, „Не е можно да се преправаме дека ова е само уште еден голем играч. Ова е најголемиот играч во историјата на светот.“

Паралелно со јакнењето на економската моќ на Кина, а особено по 2010 година, аналитичари, научници, политичари, и новинари почнаа да пишуваат за плановите Кина во следните 30 години да стане една од најголемите светски суперсили. Пекинг тоа не го криеше. Така, на пример, во 2019 година, за време на прославата на седумдесеттиот роденден на Народна Република Кина, претседателот Си Џинпинг ќе изјави: „Ниту една сила не може да го запре напредокот на кинескиот народ и на кинеската нација“.

Каква ќе биде геополитичката мапа на светот во наредните години? Одговорот на ова прашање бара детална анализа на различни сценарија, што, за жал, е тешко, скоро невозможно, да се направи во интервју. Едно од можните сценарија вклучува интензивирање на ривалитетот меѓу САД и Кина. Со други зборови, според ова сценарио ќе се зголемат трендовите што постоеја со години во нивната борба за економска доминација, ќе се интензивираат дезинформациите, невистините, и теориите на заговор меѓу двете држави во битка за влијанието во меѓународното јавно мислење, но и како средство за остварување на економската доминација, и ќе ја помести глобалната рамнотежа на моќ од Запад кон Исток. Уште повеќе, постои ризик дека Кина и САД сè почесто ќе ја искористат својата моќ врз трети страни, до тој степен што неутралниот став ќе стане економски забранет. На економски, политички, и особено на геополитички план, се случуваат големи промени: БРИКС, Шангајската организација за соработка, „глобалниот југ“ и нивната меѓусебна соработка, трговијата во сопствена валута, намалувањето на глобалното влијание на петро-доларот, експанзијата на автономни технологии, научниот и технолошкиот развој и особено помирувањето на довчерашните лути ривали против заедничкиот непријател ја доведуваат американскиот хегемон во незавидна положба.

Според моето мислење, тоа што најмногу денес му треба да светот е лидерство, и тоа, исклучиво балансирано лидерство меѓу повеќе светки велесили. Човештвото ќе се соочи со застрашувачка иднина, ако САД продолжат да се борат, користејќи воглавном недемократски средства, за одржување на нивната глобалната хегемонија. Соединетите Држави може да продолжат тоа да го прават, иако безуспешно, сеуште заради тоа што тие ги поседуваат следните карактеристики: економска моќ (остварена, меѓу другото и со неверојатната динамичност), поврзувачка моќ (постоењето на многубројни сојузи, политички пријатели) и, без разлика на намалениот американскиот престиж, мека моќ (soft power).

Меѓутоа, Кина, Русија и глобалниот југ ги предводат светските промени против „колективниот запад“, против „империјата“ и нејзините вазали, оттука, мулиполарниот поредок е веќе реалност и од оваа точка нема враќање назад. Европската Унија треба, според моето мислење, што поскоро да престане да биде американски вазал, за што некои европски лидери веќе зборуваат подолго време. Во еден документ на ЕУ од 2019 година, што се однесува до нејзиниот пристап кон Кина, ќе прочитате:

„Кина е, истовремено, во различни области на политиката, партнер за соработка со кој ЕУ има тесно усогласени цели, преговарачки партнер со кој ЕУ треба да најде рамнотежа на интереси, економски конкурент во потрагата по технолошко лидерство и системски ривал промовирајќи алтернативни модели на владеење“ (видете го документот на Европската комисија со наслов „EU-China – A strategic outlook“ од 12 март 2019 година). Тоа за жал, во изминатите пет години, се занемари и се отфрли: ЕУ стана вазал на американската надворешна политика.

Денес, светот е соочен со раѓањето на нов геополитички поредок. Дали тоа ќе биде повторно униполарен, биполарен или мултиполарен, останува да видиме, но ист, секако повеќе нема да биде. Тука не ми преостанува ништо друго освен да го цитирам професорот Трајче Стојанов: „Да се надеваме дека пред неизбежната катаклизма сите ќе разберат дека светот е сепак доволно голем и дека има доволно место за сите. Да се надеваме дека старите и новите светски играчи ќе седнат навреме на некоја нова ‘Јалта’!“.

ЦВЕТАНОВСКИ: Како ја оценувате актуелната позиција на Македонија во меѓународно-политички контекст?

КОЦАРЕВ: Имајќи го предвид функционирањето на ЕУ и нејзините приоритети, а воедно, земајќи ја предвид позицијата на Македонија како составен дел на Југоисточна Европа, не е тешко да се заклучи дека геополитичката позиција на нашата земја е обременета од нејзината асиметрична положба во однос на соседите – членки на Европската Унија. Уште повеќе, геополитичката позиција на Македонија е оптоварена и од неуспехот на неолиберализмот, особено од политичките кризи кои претставуваат вистинска рефлексија на неговото влијание и поттикнуваат длабоки социјално-политички последици, популизам, национализам и верски радикализам, во глобални рамки. Во поголемиот број држави, во последните десетина години, беа прифатени национализмот, ксенофобијата и милитаризмот, при што сè повеќе се забрануваа слободата на печатот, академската слобода и слободата на говорот. Подемот на пазарниот фундаментализам, религиозниот фундаментализам и на политичкиот фундаментализам има длабоки корени во повеќето општествени сфери и научни области, како и во културата и во образованието.

Една африканска поговорка вели: „Кога се тепаат слоновите, страда тревата“, чие значење, парафразирано, во геополитички контекст, може да се пренесе на повеќе нивоа: на регионално (Југоисточна Европа, Европска Унија), континентално (Европа) и на светско ниво. За жал, во минатите триесетина години, политичарите во Македонија не се снајдоа, делумно од неукост, но делумно и од лукративни причини, во управувањето со кормилото на бродот Македонија среде бурните геополитички превирања. Во книгата со наслов „Возрасни во собата: Мојата битка со европскиот длабок естаблишмент“ (2017), Варуфакис потсетува на жестоката кампања што, во 2015 година, ја започна европскиот длабок естаблишмент со цел да се смени вистината и да се убие карактерот на една проевропска, демократски избрана влада на Грција. Ако ЕУ така се однесува со нејзините рамноправни членки, што може денес Македонија да очекува од ЕУ? Во текстот (од јануари 2024 година) со наслов „Која е поентата на НАТО?“ и поднаслов „Членството не е гаранција за демократија“, Варуфакис се прашува: „Колку е мудро да се верува дека нашите демократии ќе се зајакнат со пренесување на надлежностите во доменот на надворешната политика и одбраната во рацете на НАТО – односно администрацијата на САД? Можеби студентите од Атинската Политехника и генералот Де Гол, заедно со нив, беа во право кога се плашеа дека непромисленото потчинување на НАТО алијансата ќе го забрза падот на Европа во статус на вазален континент?“ Во текстот, Варуфакис потсетува дека бунтовните студенти на Атинската Политехника во ноември 1973 година, кои ги ставија своите животи за да помогнат во обновата на грчката демократија, ги употребуваа слоганите: НАДВОР САД и НАДВОР НАТО.

Лидерите на Македонија конечно и еднаш засекогаш треба во одлуките што ги носат да даваат јасна предност на аспирациите на македонскиот народ пред желбите на моќните суперсили. Мудро дејствување на надворешната политика значи реализирање на прифатените обврски, но не и одење чекор понатаму и исполнување повеќе од прифатените обврски. Сè што е надвор од договорените и прифатените обврски, мора да биде исклучиво во интерес на Македонија. Основните решенија за Македонија се: прво, опстојба дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат словенски, не бугарски карактер, и второ, приспособување и имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ. За жал, денес сме соочени со непринципиелни уцени и закани врз основа на ненаучни аргументи, бесмислено барање дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени, и недостоинствено и понижувачко барање Македонија да ја дефинира македонската национална генеза по барање на соседна држава. Македонија, се надевам, нема да отстапи од одбраната на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, тие имаат словенски, не бугарски, карактер.

ЦВЕТАНОВСКИ: Многу копја се кршеа и се кршат на ова поле во македонското поделено општество. На домашен план, вашите размисли за контаминираната Преговарачка рамка?

КОЦАРЕВ: Во одговор на Вашето прашање ќе ја цитирам д-р Малинка Ристевска Јорданова, една од ретките вистински експерти на полето на евроинтеграциите, инаку шефица на кабинетот на Шекеринска во време кога Македонија го доби статусот на кандидат. Според нејзе пристапот на Владата во изминатите неколку години се карактеризира со две особености: прво, спроведување на тактиката „остварени факти“, што подразбира донесување одлуки пред засегнатите воопшто да се запознаат со нив, соочувајќи ги со единствената опција: нивно прифаќање и второ, ширење лаги и манипулации за евроинтеграциите. Во рамките на првата особеност, јавноста беше соочена со прифаќање „на заклучоците на Советот, двете позиции на Советот на ЕУ заедно со Преговарачката рамка, Протоколот со Бугарија… Во нив се проголта сѐ и сешто, вклучувајќи ги едностраните изјави за македонскиот јазик, согласноста членството на ЕУ да зависи од завршетокот на работата на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања… Ама, бидејќи тоа ќе биде таму некаде во 2030 година, тогаш ќе мислиме за тоа“. Од големиот број лаги и манипулации ќе спомнам две:

(1) тврдењето дека започнувањето на преговорите или полноправното членство ќе предизвика престанок на миграцијата, всушност, е манипулација: скоро во сите држави од минатиот бран на проширување миграцијата во ЕУ се зголеми по членството; и

(2) тврдењето дека „само да почнат преговорите и ќе почнат вистинските реформи, затоа што ЕУ ќе нѐ среди” е повторно лага, вистината е дека Македонија мора сама да ја заврши работата, ЕУ само може да помогне.

За последниот чекор од голготата „започнување преговори“: уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, Ристевска Јорданова ќе рече: „Тие и не беа дел од првобитните бугарски услови, туку се дополнителен услов и влезна точка за остварување на бугарските цели преку преговарачкиот процес“. Повторно, внесувањето на Бугарите во Уставот се манипулира и релативизира: ќе се внесат и Хрватите, и Црногорците, и други…, па затоа Ристевска Јорданова ќе заклучи: „Да, но нивните матични држави не го негираат македонскиот идентитет и ги признаваат Македонците во своите држави. За разлика од нив, Бугарија и натаму отворено го негира македонскиот идентитет“.

Бугарија нема потреба да ги смени нејзините ненаучни и понижувачки барања: негирање на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, македонската историја… – разликата во однос на периодот пред и по 2022 година, е што по 2022 г. бугарските барања „прераснаа во вградени механизми во процесот на пристапување за гаранција на исполнување на бугарските услови“, што ќе бидат „основа за Бугарија да бара вградување на веќе вградените услови во сите натамошни чекори од процесот, а ги има многу со новата Методологија“. Внимателно читање на документот на Европската комисија „Извештајот за 2022“ покажува дека (цитат од документот): „Парламентот и Владата се обврзаа да започнат и приоритетно да ги постигнат релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат и граѓаните кои живеат во границите на државата“. Па затоа, на прашањето: „Дали уставните измени се дел од реформите поврзани со ЕУ?“ Ристевска Јорданова ќе одговори: „Не. Тие се политичко барање, засновано врз нашата согласност, односно преземената обврска за промена на Уставот“.

Оттука, прашањето „Што се случи во 2022 година?“ има јасен одговор. Резимирајќи дека бугарските барања прераснаа во „вградени механизми во процесот на пристапување за гаранција на исполнување на бугарските услови“, единствен одговор е: целосен помор на сѐ што е македонско. Македонците од нивните политички лидери очекуваат храброст за заштита на македонските национални интереси и спротивставување на криминалот, не криминогеност и понизност, не продавање и предавање на сѐ што е македонско. Освен пропагандата – лагите и манипулациите дека од денот на започнување на преговорите сѐ ќе цвета: просперитетот на Македонија и македонскиот идентитет се загарантирани – пропаганда вешто водена од нашата Влада и нашите душегрижници – официјалните претставници на ЕУ и државите членки, Македонците изгубија сѐ, но најмногу самопочитта и почитта од другите: нашата Влада зазеде цврст и непоколеблив став – ние не сме Македонци!

ЦВЕТАНОВСКИ: Од сето претходно кажано произлегува и можеби најесенцијалното прашање: Како понатаму?

КОЦАРЕВ: Откако сегашнава Влада и сегашниот Претседател на Македонија, исклучиви виновници за безизлезната состојба во која се најдоа Македонците: во ЕУ само како Бугари и никако поинаку, ќе заминат од политичката сцена на Македонија еднаш и засекогаш, одговорот на прашањето, со зборовите на Ристевска Јорданова, е: „Сегашново брзање нема никакво оправдување. Потребна ни е стабилност, сигурност, разум. Има време и простор за сѐ, освен за нови грешки. Единствена итност е да се престане со спиралата на грешки. Ако сакате попластично – време е да се крене „рачна“, за најпрвин да се прекине сегашнава надолна спирала. Да престанат поделбите по сите линии во име на „светлата европската иднина“, да престане разградувањето на институциите. А потоа низ дијалог и внатрешно јакнење, да се постават, и што е најважно – да се спроведат, јасни приоритети, кои реално ќе им служат, пред сѐ, на граѓаните на оваа држава“.

Што, според моето мислење, значи „да се крене рачна“?

Прво, раскинување на потпишаниот билатерален Договор со Бугарија.

Второ, да почнеме и тоа да трае најмалку една година, едногласно, сите леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата, да говориме за неправедните, понижувачките, нелогичните, бесмислените членови и ставови на договорот со Грција.

Тоа треба да го направиме за да сите: и нашите поддржувачи и нашите опоненти разберат за неправедниот, понижувачкиот, нелогичниот, и бесмислениот договорот со Грција.

Трето, департизација на институциите, подобрување на внатрешната кохезија и градење на доверба кон Владата и кон ЕУ.

Четврто, македонските претставници на билатералниот скрининг да се обврзат на транспарентност: да нема повторно изненадувачки „остварени факти“ и нови „преземени обврски“ за коишто јавноста се запознава откако обврските веќе се преземени. Граѓаните на Македонија од другите етникуми треба да разберат дека ние – Македонците, не можеме подолу од тоа каде што сме денес, во спротивно, тие, всушност, не се за соживот, туку го подржуваат разнебитувањето на Македонија, па оттука, слоганот „Македонија – едно општество и едно семејство за сите, сите се граѓани од прв ред“ се трансформира во „Македонија – едно општество без Македонци“.

Според моето мислење, со Преговарачката рамка, Советот на ЕУ исчекори во територија непозната во историјата на меѓународните односи. Преговарачката рамка и договорите со Грција и со Бугарија се документи што пресудуваат, што одлучуваат за научни мислења и резултати во лингвистиката, археологијата, етнологијата, историјата… Секогаш кога постојат документи што влијаат и ги трасираат научните тврдења и не оставаат простор за дијалог, за научни дебати и размисли, резултатот, парафразирајќи го Еразмо Ротердамски, е ист: „Пофалба на глупоста“, што овозможува да се согледа гнилежот на македонските и европски институции.

Во триесеттите години од минатиот век, во Советскиот Сојуз, директорот на центарот за генетика, академик Лисенко, предложил пристап, подоцна именуван со терминот лисенкоизам, за надминување на кризата во советското земјоделство со кој се исклучува науката, а се промовира вродената итроштина и интелигенција на селаните за наоѓање најдобри резултати во земјоделството! Во името на оваа „наука“, биолозите и агрономите биле избркани, а оваа негова „наука“ набрзо се претворила во хистерично владино барање за земјоделско самоснаоѓање околу посевите.

Ваквиот идеолошки пристап, при што се исклучува науката, повторно се изроди стотина години подоцна, во недемократска ЕУ. Така, во 21 век, под влијание на моќните, ЕУ воведе „оригинален“ пристап за почнување на пристапните преговори со Македонија: во името на политиката, под влијанието на Грција и на Бугарија, ЕУ претпочитува псевдонаучен пристап во лингвистиката, археологијата и историјата. Дали државите што не се членки на ЕУ, ќе се распаднат или не – тоа е прашање на коешто е несериозно дури и да се обидеме да одговориме, но, имајќи ги предвид Заклучоците на Советот на ЕУ, општата позиција на Европската Унија и на Преговарачката рамка, а со тоа и на пристапните преговори, ваквиот пристап на ЕУ сигурно ќе доведе до разнебитување на Македонците!

ЦВЕТАНОВСКИ: Македонија се соочува со сериозни проблеми одвнатре: разделена и нефункционална држава. Повторно, она најбитното: Како понатаму?

КОЦАРЕВ: Што се однесува до проблемите на македонското општество, мене друга јанѕа ме јаде, чувство на неспокој: дали некогаш во Македонија, и ако да, кога ќе има соживот меѓу нејзините граѓани? Што граѓаните на Македонија подразбираат под терминот соживот? Дали тоа вклучува и користење на заеднички јазик за меѓусебна комуникација? Денес во Македонија постојат две разделени општества, па затоа државата се распаѓа. Слоганот „Македонија – едно општество и едно семејство за сите, сите се граѓани од прв ред“ се трансформира во неговата спротивност: две разделени општества. Приказната за Вавилон, можеби, е најдобрата метафора за денешна Македонија – една држава со две (паралелни) општества: две општества опстојуваат на иста територија со различни верзии на Уставот, со различно владеење, со различна економијата, со различен однос спрема сопствената држава, со различна отчетност, различен поглед на иднината, накусо, фрагментацијата ad absurdum.

Граѓаните со коишто би требало да градиме соживот порачуваат дека тие ќе градат соживот со нас само ако го внесеме бугарското малцинство во Уставот. Македонија нема проблем со бугарското малцинство, туку со државата Бугарија и со некои нејзини институции. Од нас се бара, за да започнат преговорите со ЕУ, ние да се декларираме за немакедонци, всушност, ние, Македонците, да се самоуништиме. Дали ако Македонија стане граѓанска држава, сите граѓани на Македонија ќе бидат навистина космополити – граѓани на светот? Или тие граѓаните на Македонија ќе глумат дека се космополити, а всушност ќе градат биетничко општество, разделено по сите основи? Дали, ако македонскиот устав е граѓански, тогаш сите народни што живеат во Македонија се државотворни? Дали граѓанскиот карактер на Уставот, всушност, имплицира дека нема потреба од границата 20 проценти? Денес, Македонците се борат, по срамните договори со Грција и со Бугарија и прифаќањето на Преговарачката рамка, за елементарни човекови права: македонски идентитет, македонскиот јазик, македонска историја, да кажат дека во Македонија живеат граѓани од македонско етничко потекло. Оттука, Македонците, всушност, се борат за придавката македонска, македонски, македонско!!! Ако другите граѓани на Македонија не не’ поддржат во ова, дали тие, всушност, не сакаат соживот со нас? Има многу прашања на кои треба искрено и разумно да се пристапи во нивно разрешување!

Еден од основните проблеми на Македонија е нејзиниот Устав, за што многу пати пишувал и говорел д-р Драган Попоски. По завршувањето на конфликтот во 2001 година, Роберт Бадинтер е поканет во Република Македонија, со барање да даде уставни совети. Тој јасно става до знаење дека „не сака да го замени законодавецот и дека е невозможно да се практикува консензуална демократија, зашто консензусот ништо не решава“ и понатаму „консензусот е да им се препушти власта на малцинствата. Тоа не може да функционира… За да се задоволат барањата на албанското малцинство, Македонија да развива директна демократија што ќе ги задоволува длабоките потреби на граѓаните…“.

Во однос на сегашниот „Бадинтеров принцип“ и процентуалната застапеност на малцинствата, Бадинтер оценува: „Тоа не е решение, бидејќи ризикува да ја парализира администрацијата и да создаде групи со привилегии и вредности, наместо да создаде еден заеднички народ, една заедничка нација. Етничкиот пристап ризикува да го влоши она што, всушност, треба да се надмине.“ Врз основа на „Бадинтеровиот принцип“, во Уставот е внесено, чл. 69 „За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците, кои не се мнозинство во Република Македонија“. За добивање одредени политички и малцински интереси, „Бадинтеровиот принцип“ различно се толкува и се применува, всушност овој „принцип“ дава можности за злоупотреба и се злоупотребува, излегува од граѓанските норми и потребно е да се укине. Тоа го согледал и самиот Бадинтер по десет години од неговата примена. Малцинствата (а всушност само албанското) добива дупло гласачко право од парламентот до локалната општинска управа. Мнозинството може да изгласа некој закон или пропис, но ако тој не е потврден и со мнозинство од малцинствата (а всушност од албанското), тој не може да биде усвоен! Ова претставува граѓанска дискриминација, спротивно на Уставот дека Република Македонија е граѓанска држава и со еднакви слободи и права.

ЦВЕТАНОВСКИ: На 8 мај ќе има избори.И престедателски и парламентарни. Вашата порака кон граѓаните?

КОЦАРЕВ: Ги повикувам граѓаните на Македонија масовно да излезат на 8 мај. Ги повикувам Македонците масовно да гласате на претстојните избори, при што, според моето мислење, ги повикувам да заокружат било кој друг број, само не бројот што ги определува тековните властодршци. Недвојбено сите во Македонија се за европска Македонија, но само некои политички партии се за Македонија со Македонци.

Денешниве властодршци, во однос на македонскиот јазик, безобзирно лажат и манипулираат – исклучиво од лукративни причини, па затоа, повторно ќе слушнете/прочитате: „македонскиот јазик го зацементиравме … го потпишавме првиот европски документ со македонски јазик“. Да не се залажуваме: македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на ЕУ тогаш кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Тоа нема да се случи на денот кога ќе започнат пристапните преговори, тоа нема да се случи ниту на денот кога ќе се потпише Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ, туку на денот кога сите членки на ЕУ ќе го ратификуваат Договорот за пристапување. Така, Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ ќе треба да се ратификува во Собранието на Република Бугарија. А што мислите кога ќе се случи тоа? Според сегашните ставови на Република Бугарија, тогаш кога ќе потврдиме дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, дека македонскиот јазик е вештачка, комунистичка творба, што постои од 1945 година, или, со други зборови, тогаш кога ќе се согласиме дека Македонците се Бугари или македонски Бугари, а името Македонци доаѓа од тоа што тие живеат на територијата Македонија, инаку, всушност, тие се Бугари. Опцијата која ја застапуваат тековните властодршци е Македонија без Македонците.

ЦВЕТАНОВСКИ: Која е Вашата порака до новите владејачки елити?

КОЦАРЕВ: Накусо, лаконски, мојата порака до идната власт, најдобро се преточува во три зборови: обединување, неменување и департизација.

Прво, повикувам на обединување на македонските партии што се залагаат за македонството, повикувам на Влада во која ќе учествуваат ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Левица, при што уште еднаш, да нема забуна, ќе повторам, дека терминот македонство подразбира две работи.

Прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи, за што пишував и говорев често во изминатите две години, дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските, има свој просторен и свој временски, да бидам прецизен – милениумски континуитет. Второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија и Албанија), како и низ целиот свет.

Второ, повикувам на неменување на Уставот на Република Македонија. Бугарската заедница не треба никогаш да се внесе во Преамбулата на нашиот Устав. По, внесување во Уставот, со вклучување на синтагмата „дел од бугарскиот народ“, со невидена жестина, притисок и поткупување Бугарија ќе дојде до бројката 20 проценти, па и бугарскиот народ ќе стане државотворен народ. Така, Македонија ќе стане пример за учебници – парадоксална држава: иако државата Бугарија го негира постоењето на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, државата Македонија, којашто би требала да се грижи за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик, всушност, дозволува, ако се промени Уставот, бугарскиот народ да стане државотворен народ во Македонија! Би сакал уште еднаш да предочам дека за Грција користењето на именката Македонија и придавката македонски требаше да се забранат, додека пак, за Бугарија е спорен терминот македонски народ, оттука негирањето на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет. Бугарија нема проблем со синтагмата „македонската држава“ или „македонската нација“ се додека во државата Македонија не живеат делови од македонски, туку бугарскиот народ и јазикот со кој говорат македонските државјани е бугарски дијалект.

Трето, повикувам на департизација на институциите во Македонија. Еден од основните атрибутите за економскиот развој на Македонија, што треба да го спроведе идната влада, е департизација на институциите во државава. Секоја четврта година во САД се спроведува процес познат под името „претседателска транзиција“ за време на кој новоизбраниот претседател на Соединетите Држави се подготвува да ја преземе администрацијата на федералната влада на САД од актуелниот претседател. Што мислите колку раководни места се предмет на неконкурентно назначување од страна на новоизбраниот претседател во извршната и законодавната власт, при што постојат различни позиции, на пример, некои подлежат на потврда од Сенатот, други не? Последната публикацијата на издавачката канцеларија на Владата на САД, достапна и во печатена и во онлајн верзија, од пред четири години, наведува повеќе од 9000 позиции. Ако бројот 10 000 (зборот повеќе го заменив со десет илјади) се подели со бројот на жители на САД и потоа се помножи со бројот на жители на Македонија, ќе се добие број, следејќи ја аналогијата со САД, на назначени позиции – не нови работни места, што би требало новата влада во Македонија да ги предложи по нејзиното формирање. Што мислите кој е тој број? Нема да верувате: 61 или со букви шеесет и еден!

Македонија ќе биде силна држава само ако има силни институции, а првиот предуслов за тоа е нивна департизација. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година, вкупниот број работоспособно население во Македонија изнесува 1 515 107, од кои 688 296 се вработени, 103 351 лица се невработени, додека вкупниот број работодавци изнесува 41 467. Според видот на сопственоста на деловните субјекти од вкупниот број вработени во Македонија, вработени во приватен сектор се 513 292, додека пак, вработени во установи со мешовита, задружна или државна сопственост се 175 004, од тоа (податок од 2022) во јавниот сектор на Република Македонија активни се 1 354 институции, во кои работен однос имаат засновано 129 374 лица. Да се задржиме на бројките уште малку: само 2,7 проценти од вкупниот број работоспособно население се работодавци – столбот на економијата на Македонија, додека пак, 18,8 проценти од вкупниот број во Македонија се на државни јасли. Но, за економските предизвици ќе зборувам во друга пригода.

Иако споредбите не се секогаш меродавни, а нам ни е јасно дека бројот 61 (или некој број малку поголем од него) е далечен неостварлив сон, сепак, Македонија ќе опстои само ако департизацијата на Македонија е приоритет на идната влада, па затоа предлагам:

(1) Слабеењето на позициите на извршната власт и администрацијата, па затоа е потребно да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи па дури и да се изземе извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата (на пример, ЕМС, МЕПСО, Пошта и други);

(2) Намалување на ингеренциите на извршната власт во подрачја што според Уставот се утврдени за автономните сфери на општеството (образование и наука, култура, здравство итн.). Во изминативе години сведоци сме на хиперинфлација на законски прописи и нивни чести измени, особено во образованието, науката и културата, донесени во скратена постапка и без поширока стручна и научна расправа;

(3) Намалување на бројот на вработени во јавните институции и администрацијата и воспоставување на мериторен систем за вработување во јавните институции и администрацијата. Правичната застапеност е уставна категорија и обврска за јавните институции регулирана со Закон, меѓутоа, вработувањата треба да бидат засновани само врз основа на квалитет и на компетентност.

Ви благодарам на поканата. Да е вековита и просперитетна Република Македонија.