Да се прошири тротоарот под надвозникот на пругата кон Бељаковце

24

Граѓаните од кумановската населба Перо Чичо бараат од „Македонски железници – Инфраструктура“ да го прошири тротоарот на улицата „Ѓорче Петров“ под надвозникот, кој е дел од изградбата на трасата од пругата кон Бељаковце. Тие велат дека тротоарот е претесен и не можат да се разминат двајца пешаци, ниту пак, да поминат родители со колички за деца, или пак, лица со попреченост кои користат колички за движење.

Од „Македонски железници –Инфраструктура“  велат дека направената експертиза на постојниот подвозник покажала дека не ја задоволува носивоста и е неопходна санација на постојниот или изградба на нов подвозник.

– Работите се одвиваат согласно ревидиран и одобрен проект. Сообраќајот под подвозникот е регулиран и се одвива согласно одобрен сообраќаен проект за привремен режим од страна на СВР Куманово и Општина Куманово, и е во интерес на безбедноста на патничкиот сообраќај – информираа од претпријатието.

Оттаму наведуваат дека градежните активности ќе завршат до средината на јуни, годинава.

Вкупната должина на железничката пруга која поминува на подрачјето на Куманово изнесува 12,5 километри. Дел од активностите се одвиваат во густо населено подрачје. Една од трасите поминува низ населбата Бавчи, од над маркетот сè до Спомен-костурницата. Таму општината предвиде изградба на улица, но поради стратешкиот проект нејзината реализација ќе почека.

Од Општина Куманово информираа дека за овој дел од изградбата на стратешкиот и национален проект веќе се одржани средби со претставници на претпријатието.