„Форд фокус“ и „Форд фиеста“ заминуваат во историјата


 

Моделите „фокус“ и „фиеста“ на автомобилскиот бренд „Форд“ се подготвуваат за заминување во пензија.

 

„Форд“ ја потенцира електрификацијата, па така некои популарни модели како „ф-150“ и „мустанг“ беа „преродени“ во облик на моделите „ф-150 лајтнинг“ и „мустанг мач-е“. Меѓутоа, шефот на европскиот оддел на компанијата задолжен за електрични автомобили, Мартин Сандер, потврди дека тоа нема да биде случај со „фиеста“ и „фокус“.

„Нема планови за електрични верзии на „фокус“ и „фиеста“. Пазарот се менува, а деновите на седаните и караваните завршија“, вели тој.

Со тоа, „фиеста“ официјално ќе се повлече во 2023 година, а „фокус“ две години подоцна, како што е најавено.

„фокусs“ има импресивна историја – се појави во 1998 година како компактен хечбек и се нудеше во различни конфигурации вклучувајќи го и „огнениот“ RS.

„фиеста“ е значајно постар модел – на пазарот пристигна во 1976 година, но му дојде крајот бидејќи побарувачката за вакви автомобили опаѓа, додека компактните кросовер SUV модели стануваат сè попопуларни.

„Форд“ продаде 456.000 примероци од „фиеста“ и 309.000 примероци од „фокус“ во Европа во 2009 година, а до 2021 година тие бројки се намалија на 82.000 и 101.000.

Компанијата се обидува да ги „оживее“ старите модели, а „пума“ како популарно име во Европа е вратена на пазарот како компактен кросовер и се чини како соодветна замена за одамна пензионираната „фиеста ст“.

Одлуката на „Форд“ да не ги воведе „фиеста“ и „фокус“ во електричната ера им остави простор на другите произведувачи на мали автомобили во овој сегмент. Компаниите како „Опел“ и „Фиат“ веќе работат на мали градски електрични автомобили со помал досег и побрзо полнење на батериите.

„Форд“ сака да користи „поамерикански“ пристап во Европа, а тоа значи потенцирање на кросоверите и SUV автомобилите.