Кој ќе победи во трговската војна ЕУ-САД?
24 март 2025Трговските тензии меѓу ЕУ и САД се засилија минатата недела откако Брисел најави царини од 26 милијарди евра (28 милијарди долари) на американски стоки како одговор на давачката од 25 отсто наметната од администрацијата на Доналд Трамп за челикпт и алуминиумот од ЕУ.
Сесилија Малмстром, која беше комесарка за трговија на ЕУ за време на првата администрација на Трамп, ја гледа размената на царини како „дефинитивно ескалирачки конфликт“ и тврди дека секој кој зборува за „победа на едната или другата страна“ фундаментално погрешно ја разбира природата на трговските војни.
„Тоа е игра во која сите губат“, вели таа за ДВ, додавајќи дека потрошувачите и обичните луѓе најмногу ќе загубат бидејќи цените ќе станат повисоки, што ќе влијае на инфлацијата, работните места и растот.
Таа го опиша „големото златно доба кое ќе го донесат царините во Америка“ како илузија која ја споделуваат многу малку економисти ширум светот. „Постојат неколку луѓе околу претседателот Трамп, но би рекла дека 95 отсто од економистите ширум светот го делат мислењето дека царините во основа не се добра работа“, рече Малмстром.
Европската унија јасно стави до знаење дека суштински се противи на царините, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека повисоките царини ги нарушуваат синџирите на снабдување. „Тие внесуваат несигурност во економијата. Работните места се изложени на ризик, цените ќе растат“, им рече таа на новинарите во Брисел кога го објави одговорот на ЕУ во четвртокот.
„Најважна комерцијална врска во светот“
Нема сомнеж дека многу работи се во прашање. ЕУ ги опишува трансатлантските трговски односи како „најважниот комерцијален однос во светот“.
Трговијата со стоки и услуги меѓу ЕУ и САД изнесуваше 1,6 трилиони евра во 2023 година, според податоците објавени од Европската комисија во Брисел. Извршниот директор на ЕУ го опишува односот како „врамнотежен“, наведувајќи дека разликата помеѓу извозот на ЕУ во САД и американскиот извоз во ЕУ е „еднаквивалент на само 3 отсто од вкупната трговија“ меѓу нив.
Трамп постојано се жалеше дека ЕУ им продава многу повеќе на САД отколку што купува. Податоците на ЕУ покажуваат дека блокот за извоз на стоки на американскиот пазар во 2023 година изнесува 503 милијарди евра, додека увозот е 347 милијарди евра. Меѓутоа, ЕУ призна дека има дефицит од 109 милијарди евра во услугите со САД.
Кога станува збор за европските ранливости, Малмстром е особено загрижена за автомобилската индустрија.
„Тоа е целта на претседателот Трамп, не само германската автомобилска индустрија, туку и автомобилската индустрија воопшто. Тие веќе се погодени“, рече таа, наведувајќи го примерот на шведскиот автомобилски гигант Волво од Гетеборг.
„Тие се веќе погодени од [цените на] челикот и алуминиумот бидејќи тие се компоненти во автомобилската индустрија. И се плашат дека и тие ќе добијат царини. Автомобилската индустрија во Европа во моментов е доста ранлива“.
Европските производители на автомобили повеќепати предупредуваа на опасностите од царините во време кога секторот се бори со конкуренцијата од Кина, преминувањето кон електрични возила и трендот на деиндустријализација низ целиот континент.
Штета на двете страни
За време на нејзиниот мандат како комесар за трговија на ЕУ, Малмстром директно преговараше со Роберт Лајтхајзер, трговскиот претставник на САД во првата администрација на Трамп од 2017 до 2021 година. Тие преговори го отворија патот за билатералниот договор за намалување на царините постигнат во август 2020 година.
Меѓутоа, Малмстром е загрижена поради изгледите за тековните преговори поради, како што смета, непредвидливоста на пристапот на Трамп.
„Овој пат е многу потешко бидејќи навистина не знаете која е целта“, рече таа. „Ова само нè казнува за лошите технолошки правила, поради неправедно однесување, за Гренланд, за што и да е. Како можете да преговарате во таква клима?“
Укажувајќи на заканата на Трамп дека ќе воведе повеќе насочени царини во април, таа, исто така, верува дека ситуацијата има потенцијал да ескалира. Но, инсистираше на тоа дека ЕУ нема да биде таа која ќе го стори тоа.
„ЕУ нема да го ескалира ова. Но, од друга страна, царините кои ни ги наметнуваат се незаконски. Тие се против правилата на СТО. Тие немаат оправдување. И затоа треба да се возврати ударот“, рече таа.
Малмстром и натаму ја повикува ЕУ да биде „што е можно повеќе подготвена“ за долготраен и потенцијално штетен спор. Засега се надева дека „сè уште може да се постигне договор“, дури и во услови на сегашната размена на царини која е неопходна да се „преговара на рамноправна основа“.
„Но, се разбира, никој не сака ова да трае со години. Нашите индустрии веќе страдаат во Европа, а штетата ќе биде голема и во САД“, рече таа.
.