Во Македонскиот народен театар (МНТ) в петок, на 19 април во 20 часот на малата сцена ќе се оддржи праизведбата на претставата „Хенгинг Араунд“ во режија и адаптација на Бојан Трифуновски, по текст на Љупчо Јованов. Со оваа премира Националниот театар ќе го прослави 79. роденден. Овој текст на Јованов Министерството за култура го откупи уште во 2015 година со цел да биде поставен на некоја од театрските сцени и по три обиди, сега премиерно ќе биде поставен на малата сцена на МНТ.

Режисерот Трифуновски по пауза од седум години повторно режиера во Националниот театар. Последна претстава која тој ја работеше со ансамблот на МНТ беше „Аладин“ за која тој ја направи адаптацијата и драматизацијата.

Главни ликови во оваа приказна се 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд), изгубени во светот на бајките, не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа. Целото дејство се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни.

Во претставата играат: Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софија Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

„Хенгигн араунд“ е праизведба на текст напишан одамна од страна на Љупчо Јованов. Зошто се одлучивте да го работите?

ТРИФУНОВСКИ: Овој текст Јованов го напиша првпат околу 2000 година, се сеќавам на таа верзија на текстот, бидејќи постојано се надоградува, горе-долу бајките остануваат исти, а ‘месото’ се модернизира. На театарските сцени фали постмодерна на македонски јазик. Насоките на Македонскиот народен театар (МНТ) се да се популаризираат македонски автори, а јас често работам македонски автори. Уредувачките политики коишто најчесто се мотивирани од финансиски услови не дозволуваат младите автори често да добиваат шанса. Јованов не е млад, но ете се случува праизведба после 20 години. Отсекогаш сум го сакал текстот, бидејќи е сликовница. За нас режисерите, тие што сакаме да креираме, што не сакаме да правиме премногу цврсто херметички создадени предобри текстови, има простор за креативна шпекулација. Затоа многу ми допадна. Јованов нуди многу интересен спектар на метафори коишто можат со било какво театарско средство да се изведат, да се родат на сцената и затоа што пред сè е пишувано за актери. Јованов е дете на театар, професор е по сценографија, тој е сценограф и костимограф на претставата заедно со Александар Ношпал. Го разбира процесот, а јас сакам да работам актерски претстави.

Трифуновски: На театарските сцени фали постмодерна на македонски јазик фото: Александар Ивановски

Во најавата за претставата се вели дека главните ликови се изгубени во светот на бајките и главна цел им е да се вратат во светот на бајките.

ТРИФУНОВСКИ: Да, претставата се занимава со поставување на прашањата ‘Што е реалност’, ‘Што е бајка’, ‘Дали бајките се исти како што ги паметиме’, ‘Колку пати ни продале бајки’… Јас сум дел од онаа генерација која што кога станавме независна држава, ни велеа еве утре-задутре животот ќе ви биде поубав. Уште го чекаме. Имаме преживеано неколку илјади бајковидни ветувања од светските суперсили, ама ниту едно не било без да ни земат орган. Е па, претставата е така прочитана, длабоко метафорично. Карактерите се Хенгинг и Араунд, може да бидат и соседите на Исус што висат до него на крстот, ние ги викаме еден и нула, затоа што во овој бинарен, културолошки и политиколошки свет во Македонија, двете страни се од иста паричка, а бајките што ни ги продаваат навидум полни со магија се полни со перверзија, со непочитување. Во такво едно губење, можеби јас не сакам да влезам во бајката, можеби тие треба да влезат во нашата реалност.

Дали тоа значи дека е бајка за возрасни?

ТРИФУНОВСКИ: Апсолутно е бајка за возрасни. Се уште се размислуваме дали да биде 16 или 18+. Има користење на експлицитен јазик.

Трифуновски: Сметам дека кога одиш по линијата на кичот, допираш една автентично антрополошка димензија на човекот Фото: Александар Ивановски

Дел сте од друштвото со Јованов, Дејан Дуковски, Срѓан Јанаќијевиќ..често користите и филмски елементи во претставите.

ТРИФУНОВСКИ: Јованов и Дуковски се многу блиску, јас многупати сум работел со Дуковски, го чувствувам близок, а и тој мене. Методот што го работам изминативе шест-седум претстави, почнувајќи од „Среќна нова година“ во Турскиот театар во 2017 година е по методот што се вика практична естетика што е измислен од страна на актерот Вилијам Мечмејс и драмскиот писател и филмскиот режисер Дејвид Мемет. Клучно во тој метод за да се претстави емоција треба да престанеш да глумиш и тоа е е нешто што им го викаат сите на Академија на филмските актери.

Идејата е да ги најдеш поривите и мотивациите на карактерот внатре во себе. Иако не е тоа класичен тип на театарско изразување, малата сцена трпи таков јазик. А напротив, ние не се ограничуваме на тоа, тоа е само еден дел од средствата кои ги користиме. Ние знаеме и да претераме, да пародизираме, користиме различни типови на средства затоа што животот во кој што сме ставени, којшто е некоја хорор бајка не е жанровски чист. Во ист ден знаеш да бидеш од крај на комедија до крај на трагедија. Таква е и претставата.

Трифуновски: Имаме преживеано неколку илјади бајковидни ветувања од светските суперсили, ама ниту едно не било без да ни земат орган Фото: Александар Ивановски

Не бегам од сфаќањата дека театарот мора да има и комерцијален аспект. А комерцијалата не ја сфаќам како некој тип на поевтинување на изразните средства. Комедијата ја користам како протеин со којшто полесно низ крвните садови кислородот може да стигне до мозокот на публиката ако е носачот нешто што не е претенциозно, преглумено, не е ларпурлартистички. Во Македонија има многу талентирани режиери коишто работат класичен театар, модерен, постмодерен. Немам потреба јас така да работам и никогаш не сум имал, еве веќе 20 години. Сметам дека кога одиш по линијата на кичот, допираш една автентично антрополошка димензија на човекот. Тие што мислат различно, може да дебатираме.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.