Започна неделата на промоција на хуманите вредности

179

-Оваа година мотото на Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвената полумесечина, која брои 191 Национално друштво и 17 милиони волонтери, е „Да ја сочуваме хуманоста”. Во ова време на кризи, катастрофи предизвикани од човекот и природни катастрофи треба заеднички, на глобално и на локално ниво, да најдеме начини да ја сочуваме хуманоста – изјави секретарот на Црвениот крст на град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска

Во соработка со петте општински организации на Црвениот крст кои дејствуваат на територија на град Скопје ќе се реализираат низа активности во рамките на она што значи промоција на хуманите вредности, дисеминациски сесии и отворени настани со цел ширење на мисијата и визијата на оваа хуманитарна организација

 

Црвен крст  денеска го одбележа 8 Мај – Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Од денеска започна и неделата на Црвениот крст која традиционално се одбележува од 8 до 15 мај.

Како што истакна Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвениот крст на град Скопје, 8 Мај – Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина  се одбележува во чест на роденденот на основоположникот на Црвениот крст, Швајцарецот Анри Динан, кој е добитник на првата Нобелова награда за мир.

-Оваа година мотото на Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвената полумесечина, која брои 191 Национално друштво и 17 милиони волонтери, е „Да ја сочуваме хуманоста”. Во ова време на кризи, катастрофи предизвикани од човекот и природни катастрофи треба заеднички, на глобално и на локално ниво да најдеме начини да ја сочуваме хуманоста – изјави Тунева-Пауновска

Во соработка со петте општински организации на Црвениот крст кои дејствуваат на територија на град Скопје ќе се реализираат низа активности во рамките на она што значи промоција на хуманите вредности, дисеминациски сесии и отворени настани со цел ширење на мисијата и визијата на оваа хуманитарна организација.

-Исто така ќе се промовираат и сите социјални сервиси на Црвениот крст. На 11 мај ќе се одржи и регионален натпревар по прва помош во Радовиш, а на 12 мај, регионален натпревар по прва помош во Скопје под мотото „Првата помош спасува живот“ – најави Тунева-Пауновска.

Таа додаде дека во тек се и подготовките за манифестацијата „Оскар на хуманоста”, која ќе се реализира на 21 мај, a по повод неделата на Црвениот крст.

-На оваа манифестација ќе бидат доделени оскари на хуманоста на поддржувачите на Црвениот крст, а оскари на хуманоста ќе добијат и оние што најмногу се истакнале во активностите на Црвениот крст – нагласи Тунева-Пауновска, која наведе дека оваа манифестација веќе станува традиционална.

Манифестацијата „Оскар на хуманоста“ започна минатата година, а редовно ќе се одржува во мај во рамките на Неделата на Црвениот крст.

Црвениот крст има 7.000 активисти – волонтери и 11.000 членови.

-На тој начин се потврдува моќта на хуманоста на оваа организација и се она што го правиме и реализираме во заедницата, во нашата држава- заклучи Тунева-Пауновска.

Оваа година Црвениот крст одбележува 79 години од постоењето.

(А.П.)