Во Атина пронајдени повеќе од 300 бомби од Втората светска војна: Илјадници луѓе поминувале секој ден

од Vladimir Zorba

Стотици бомби од Втората светска војна се откриени при работа на местото на поранешниот аеродром „Елинико“ во Атина.

Градоначалникот на регионот Елинико-Аргируполи, Јанис Константатос, на прес-конференција рече дека 314 бомби, кои ги складирале Германците за време на Втората светска војна, биле уништени во контролирани експлозии.

Тој наведе дека бомбите се наоѓаат два метри под поранешните објекти на Понтичката лига, градинки и спортски објекти во внатрешноста на поранешниот аеродром, како и соседните објекти за Олимписките игри, односно на места каде секојдневно поминувале илјадници луѓе, јави грчкиот јавен сервис ЕРТ.

Според него, бомбите биле пронајдени при реконструкција на стариот атински аеродром.

Аеродромот „Елинико“ се наоѓа на само неколку километри од центарот на Атина, тој работеше до 2001 година, а беше затворен по изградбата на меѓународниот аеродром „Елефтериос Венизелос“ за Олимписките игри во 2004 година.

На местото на поранешниот аеродром е предвидена изградба на станбен комплекс, комплекс за забава, казино, хотел и парк, како и облакодер висок речиси 200 метри.

Тоа е најголемиот инвестициски проект во Грција вреден 8 милијарди евра и еден од најголемите проекти за урбан развој во Европа, според ЕРТ.

Фото: Катимерини

Слични содржини