Си: Кина не е ниту страна, ниту учесник во украинската војна

Кинескиот претседател Си Џинпинг за време на разговорот со германскиот канцелар Олаф Шолц во Пекинг изјави дека Кина не е вклучена во руската војна против Украина, пренесува германската агенција Дпа.

„Кина не е ниту страна ниту учесник во украинската криза“, се вели во соопштението објавено во вторникот по средбата меѓу двајцата лидери во Пекинг.

Наместо тоа, Кина отсекогаш „промовирала мировни преговори на свој начин“, рече Си.

Пекинг ќе поддржи меѓународна мировна конференција „во догледно време“, но Русија и Украина ќе мора да ја прифатат, рече кинескиот лидер.

Досега Москва ја одби поканата за планираната конференција во Швајцарија во јуни. Се уште се чека одговорот на Кина на поканата на алпската земја.

Кина е близок сојузник на Русија. Постојано има обвинувања за кинески компании кои ја снабдуваат Русија со таканаречените стоки со двојна употреба – оние што можат да се користат и за цивилни и за воени цели.

Текстот Си: Кина не е ниту страна, ниту учесник во украинската војна е превземен од МАКФАКС.