Шесте противкандидати на Пендаровски ја прифатија фрлената ракавица за дебата, но дали ќе му дојдат на Ифтар и Велигден?!

106

Изборните штабови на шестемина претседателски кандидати одговориле позитивно на иницијативата на претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, да се одржи мастер дебата на која сите претенденти за шеф на државата ќе имаат можност да ја претстават својата програма и својот концепт за тоа како ќе ја водат државата доколку победат.

На денешниот брифинг со новинарите од изборниот штаб на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски рекоа дека од сите штабови била добиена начелна согласност за оваа нивна идеја и дека останува да се усогласат некои технички прашања. Ова се разбира не ги исклучува соочувањата на претседателските кандидати по другите медиуми.

Дел од кандидатите имале свои услови, од дебатата да се изземат некои од нивните ривали, пред сè Стевчо Јакимовски бидејќи е на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска поради нејзините наративи, но од штабот на Пендаровски велат дека тоа не е можно.

„Државната изборна комисија потврди дека има седум кандидати за претседател на државата и за нас не постојат спорни кандидати. Го почитуваме гласачкото тело на сите кандидати и кога некој претендира да стане претседател на државата треба да го има предвид фактот дека тој е претседател на сите граѓани. Нашата идеја е дебатата да се одржи со сите седум кандидати и добро е што имаме позитивен одговор од сите штабови. Не можеме да кажеме финално дека ќе има дебата бидејќи во следниот период штабовите ќе треба да ги договорат техничките аспекти. Организацијата и трошоците за мастер дебатата ќе бидат заеднички“, велат од изборниот штаб на Пендаровски.

Штабовите на претседателските кандидати се согласиле на почетокот на кампањата да има една мастер дебата на неутрален терен, со неутрални модератори на дебатата. Најверојатно ќе има само една мастер дебата, бидејќи времето не дозволува да се одржат две и таа би се реализирала на почетокот од кампањата, односно, планот е таа да се одржи до 10 април.

Дебатата би ја организирале изборните штабови, продукцијата би била на една продукциска компанија која допрва треба да се договори, а секоја партија ќе може да си донесе своја публика. Како можно место на одржување се споменуваат спортската сала „Борис Трајковски“ или Филхармонија. Секој медиум ќе има право на пренос во живо од оваа дебата. И трошоците за дебатата би биле подеднакво поделени меѓу штабовите на кандидатите.

Конвенцијата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ќе се одржи на 2 април во салата „Борис Трајковски“, а на 4 април со отворањето на изборниот штаб во центарот на Скопје и официјално ќе почне кампањата. За време на кампањата планирано е Пендаровски да посети најмалку 60 населени места.

Инаку, како што беше најавено, вечерва Пендаровски кој е и актуелен шеф на државата, во Клубот на пратеници ќе организира ифтарска вечер, на која се поканети претставници на ИВЗ и неговите противкандидати за претседател, а ваква вечера, велат од неговиот штаб Пендаровски ќе организира и за Велигден.