3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата паднаа по иранските пораки

Цените на нафтата паднаа по иранските пораки

Цените на нафтата паднаа на 86 долари на меѓународните пазари во петокот, бидејќи инвеститорите беа смирени од пораките од Иран по „сомнителниот“ инцидент со беспилотни летала, намалувајќи ги стравувањата од ескалација на израелско-иранскиот конфликт.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше за 72 центи пониска од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 86,39 долари.

На американскиот пазар барелот за испорака во мај се тргува по пониска цена од 66 центи, по 82,07 долари. Речиси за исто толку падна и цената на барелот за испорака во јуни и се лизна на 81,42 долари.

Пазарите утрово беа катапултирани од извештаите на западните медиуми за експлозија во близина на иранскиот град Исфахан. Американската ТВ компанија ABC објави, цитирајќи неименуван американски функционер, дека израелски ракети погодиле локација во Иран.

Иранската државна телевизија објави дека „на небото над Исфахан биле забележани три дронови. Системот за противвоздушна одбрана бил активиран и ги уништил беспилотните летала“. Иранските медиуми не го спомнаа Израел во извештаите, а еден аналитичар изјави за државната телевизија дека беспилотните летала биле управувани од луѓе кои се инфилтрирале во Иран.

Техеран го минимизираше инцидентот и посочи дека не планира да реагира. Пораката беше најјасно дадена од висок ирански функционер, кој за Ројтерс изјави дека Техеран не планира одговор во овој момент.

Пазарите стравуваат од ескалација откако Техеран објави одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск, во кој загинаа неколку високи ирански воени претставници и конзуларни претставници.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП