Search
Од движење до виртуозност: 20 години извонредност во современиот танц

Јубилејно 20 -то издание на Танц Фест Скопје

Дваесеттото јубилејно издание на „Танц Фест Скопје 2024“ ќе се одржи годинава од 11 април од 17 мај во Скопје. Во својата програма фестивалот ќе презентира повеќе домашни и странски кореографи на неколку сцени низ градот, кои ќе бидат дел од повеќеслојната програма, која дава осврт на современата танцова сцена.

„Оваа година ви приредуваме програма со поинаков концепт со кој ќе се навратиме на работата од изминатите 19 изданија на фестивалот, ќе видиме дел од нашите долгогодишни соработници и како и секоја година ќе презентираме и ќе промовираме млади сили во танцот“ , најавуваат организаторите.

Фестивалот започнува со програмата „Паралели” и ќе се отвори на 11 април со претставата „Госпоѓиците од Авињон” во кореографија на Олга Панго, на музика на Калиопи Букле. На 16 април ќе се изведе современата претстава „Сага” во кореографија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски и на 23 април, балетскиот триптих „Молитви на моето тело”, чиј креативен тим го сочинуваат костимографот Александар Ношпал и драматургот Соња Здравкова-Џепароска, а кореографиите се: „Раѓање” на Ивана Коцевска, на музика на Дарија Андоновска, „Преплетување” на Адријана Данчевска, на музика на Александар Гроздановски и „Вознес” на Саша Ефтимова, на музика на Александар Пејовски.

На 17 април во Младинскиот културен центар, ќе се претстават повеќе современи кореографи, претстава со кореографии на Каи Чун Чуанг и Марија Шуркал, во продукција на „Вертикалити танцова компанија” на Роуз Брус од Линц, Австрија, како и кореографиите „Гризење” на Тереза Лазарев и „Језгро“ на Бисера Димчевска со Наталија Трифуновиќ.

Јубилејната прослава на фестивалот на сцената на Македонскиот народен театар ќе се одржи на 30 април, со претстава на танцовиот театар и кореографии на Рисима Рисимкин и Адријана Данчевска. Вечерта на 30-ти април  ќе се додели Наградата „Менада” за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност, на балетскиот уметник Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет,.

На сцената на Македонскиот театар, на 11-ти мај ќе се прикажат две кореографии, „Блокови” на Дејан Битровски и „Табу република” на Бобан Русески.

Во склоп на јубилејната програма на „Танц Фест Скопје 2024“, од 13 до 17 мај ќе биде и програмата „Moving Balkans”, во која учество ќе земат уметници од 11 земји: Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Турција и С. Македонија, со кореографи и професори од Холандија и Италија.

Во Младинскиот културен центар, на 13 мај ќе се одигра претставата „Импулс” на Скопје танцов театар 2, во која настапуваат  студенти од Катедрата за современ танц и Балетска педагогија при Универзитетот „Гоце Делчев”.

Со претставата „Мозаик” на светски познатиот  кореограф Мурад Мерзуки, кој нашата публика го памти по претставата „Пиксел”, ќе заврши овогодинешното издание на фетивалот.

Фестивалот, соработка со Мурад Мерзуки ја остварува со Францускиот институт во Скопје, кој со претставата ќе ја започне програмата за прослава и одбележување 50 години постоење во Скопје, со што ќе се одбележи и соработката која Францускиот институт ја има со Интерарт културниот центар во изминативе триесет години.

Во рамки на фестивалот, дел е и Отворената програм „Танцуваме со Виталија”, како и изложбата на фотографии под наслов „Рефлексии“, во која ќе бидат застапени холандски и домашни фотографи, а која ќе се одржи во Мала станица, во соработка со Националната галерија.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Виталија, Бовин, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦи УГД. Медиумски покровители се МРТВ, Радијата Антена5, Бубамара, Метрополис, Сити радио, Урбан ФМ.

Најново

Последни колумни