Баер на навивачите им нуди бесплатни тетоважи за одбележување на историската сезона

Баер Леверкузен, кој е во лов на тројната круна, им нуди на своите навивачи бесплатни клупски тетоважи за да ја одбележат сезоната на освојување на титулата во Бундеслигата и рекордната серија без пораз, објави во петокот германскиот шампион.

Тимот на Чаби Алонсо, непоразен во сите натпреварувања оваа сезона, стигна до финалето на Лига Европа по ремито 2:2 против Рома во четвртокот. Со овој резултат, иако имаа заостанување од 0:2, „Аптекарите“ ја продолжија својата серија без пораз оваа сезона на 49 натпревари во сите натпреварувања, надминувајќи го долгогодишниот европски рекорд на Бенфика поставен од 1963 до 1965 година. Во финалето ќе играат против иалијанска Аталанта.

„Специјална промоција на крајот на специјалната сезона. Баер 04 им нуди на фановите можност бесплатно да изберат една од многуте тетоважи на Баер 04“, стои во соопштението за печатот на клубот. „Резервирајте го вашиот термин сега и овековечете ја оваа единствена сезона на вашата кожа“.

Откако ја запечати својата прва титула во Бундеслигата, Леверкузен се квалификуваше и за финалето на Купот на Германија каде што ќе се соочи со второлигашот Кајзерслаутерн во она што може да биде тројна круна за клубот.