Бизнис

Бизнис-платформа ЕУ − Западен Балкан: платформа за дијалог меѓу бизнис-секторот на Западен Балкан и Европската Унија

Коморски инвестициски форум

Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.

Бизнис-платформата ЕУ − Западен Балкан е конституирана во јуни 2021 година како формат кој, од една страна, ги вклучува претставниците на регионалниот бизнис, претставени преку Бизнис-советот на Коморскиот инвестициски форум, кој е советодавно тело на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 (КИФ ЗБ6), составен од сопственици и од претставници на високиот менаџмент од 20-те најголеми компании од регионот на Западен Балкан, а од друга страна, креаторите на политики од страна на Европската Унија, претставени преку Директоратот за проширување и претставниците на останатите секторски директорати.
Целта на Бизнис-платформата е да послужи како платформа за дијалог, односно размена на мислења и предлози во врска секојдневните проблеми и пречки со кои се среќаваат претставниците од бизнис-секторот од регионот во поглед на нивната интрарегионална соработка, но и соработката со земјите членки на Европската Унија.
Таквиот дијалог не само што служи за иницирање на административни, на регулаторни и на политички решенија, но во исто време им помага на бизнис--заедниците во регионот на Западен Балкан подобро да ја разберат Европската Унија, нејзините закони и политики и да им помогне да се подготват за полесна и за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ.
Улогата на Бизнис-платформата е преку јасно дефинирани предлози и иницијативи за менување и за унапредување на одредени политики да биде во постојана и во континуирана комуникација со владите од регионот и со други релевантни институции од Европската Унија како што се: ЦЕФТА, Регионалниот совет за соработка, Транспортната заедница, Енергетската заедница и др., со цел надминување на постоечките бариери и создавање постимулативна и поконкурентна бизнис-средина на Западен Балкан.
Со својата советодавна улога, Бизнис-платформата предлага соодветни мерки кои ќе го поттикнат и ќе го олеснат инклузивното проширување на регионот на Западен Балкан кон Европската Унија, што вклучува намалување на бариерите за трговијата и воспоставување механизми за заедничка политика кога се исполнети условите за усогласување на заедничките правила и воспоставување на остварливи институции или практики. Целта е перспективата на економиите од Западен Балкан како идни полноправни учесници на европскиот пазар.
Преку активната работа на Бизнис-советот, целта е да се промовира директен дијалог меѓу бизнис-заедницата од Западен Балкан и носителите на одлуки во Европската Унија за да се овозможи побрза интеграција на регионот на единствениот пазар на ЕУ преку инклузивен пристап кон проширувањето.
Како и претходните така и оваа година, Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 (КИФ ЗБ6) во соработка со Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST), на 27 март, во Брисел, ќе организира настан на високо ниво со сите релевантни претставници на бизнис-заедницата на Западен Балкан претставени преку Бизнис-советот на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 и високи претставници од институциите на Европската Унија со цел да се покренат важни прашања од стратешко значење за регионот.
Настанот ќе ги обедини на едно место претставниците на Европската Унија, претставниците на бизнис-секторот и другите релевантни чинители за да покренат неколку иницијативи и преку дијалог со носителите на одлуки да обезбедат политичка поддршка за нивно спроведување. Дополнително настанот ќе послужи и за пренесување на пораката до јавноста во Западен Балкан и до ЕУ дека проширувањето создава директни придобивки за компаниите и за граѓаните на земјите кои пристапуваат.
Имајќи ги предвид главните стратешки документи кои се поврзани со овие теми − Планот за раст за Западен Балкан, новоусвоениот Акциски план за заеднички регионален пазар 2025 − 2028 и Декларацијата на лидерите на Западен Балкан 6, во рамките на Коморскиот инвестициски форум беа креирани 9 тематски групи чија улога е преку систематско следење и алоцирање на постојните потреби и на интересите на бизнис-заедницата на Западен Балкан, врз база на приоритетните области дефинирани во Планот за раст за Западен Балкан, да го претстават гласот на бизнис-секторот од регионот, но и да овозможат директен дијалог меѓу бизнис-заедницата на Западен Балкан и носителите на одлуки во Европската Унија за побрза интеграција на регионот во единствениот пазар на ЕУ.
Во таа насока, преку тематските групи, во текот на изминатава година, Коморскиот инвестициски форум изготви сеопфатен и структуриран преглед на предизвиците и на препораките од бизнис-заедницата по сектори со конкретни барања за нивно надминување, а токму овој документ ќе послужи и како основа за продлабочување на дијалогот на состанокот на Бизнис-советот во Брисел кон крајот на наредниот месец.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано