Десетгодишната Инес од Штип е малата хероина која ја донира својата коса за болните дечиња

Десетгодишната Инес Мехмедова од Штип со совојата хуманост покажана на дело е хероина која раѓа нова надеж кај децата болни од рак. Пред четири години кај малата Инес се раѓа желба да направи хумано дело и да помогне некому. Вели пред се сакала да помогне сама, без ничија помош. Заеднички со нејзината мајка доаѓаат до идејата малата Инес да ја чува својата коса за потоа да може да ја донира за децата на кои им е потребна. По четири години, грижа и нега за својата косата Инес истата ја крати и ја донира. Она што радува е фактот што по нејзините стапки тргнува и нејзината помала седумгодишна сестра. Инес вели тенденција е да биде пример за сите кои сакаат да помогнат.

„До оваа идеја дојдов разговарајќи со мајка ми како да направам некое хумано дело во кое ќе биде само мојот труд. Па така дојдовме до идејата да ја пораснам косата и да ја донирам на дечињата кои се борат со немилостивата болест. Среќна сум што по моите постапки се одлучи и мојата помала сестра, а ќе бидат посреќна ако бидам пример и за другите деца, но и за повозрасните да го сторат истото.“ – вели Мехмедова.

Инес пред камерите на М-Нет телевизија упати апел до сите дечиња, но и до повозрасните граѓани да ги следат нејзините и стапките на нејзината сестра со цел да помогнат некому. Нова коса за малите дечиња кои се борат со тешка болест е нова надеж во нивните очи.

„Да придонесеме за посреќно детство на сите дечиња. Донирај ја својата коса и стани нечиј херој“ – додава Мехмедова.

Инес е ученичка во ООУ „Гоце Делчев“ – Штип. Децидна е дека повторно ќе ја чува својата коса, ќе ја негува и ќе се грижи за неа со цел за неколку години да може повторно да направи добро хумано дело и да ја донира на дечиња на кои им е најпотребна.

Лаура Стојанова, М-Нет