Top Sport

ИСИС се заканува со напади на натпреварите од Лигата на шампионите

Мадрид го очекуваат големи организациски предизвици. Вечерва во шпанската престолнина Реал Мадрид и Манчестер сити ќе го одиграат четвртфиналниот натпревар од Лигата на шампионите, а утре Атлетико Мадрид и Борусија Дортмунд. Безбедносните мерки се големи, а споменатите натпревари доаѓаат по експлицитни закани од Исламската држава.

На различни интернет канали поврзани со таа терористичка група се објавени закани поврзани со Лигата на шампионите и стадионите на кои ќе се играат четвртфиналните натпревари: „Емирати“ во Лондон, „Паркот на принцовите“ во Париз, „Сивитас Метрополитано“ и „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.

Во пресрет на натпреварите во Мадрид, Шпанија го воведе четвртото ниво на тревога за тероризам.

Заедно со имињата на стадионите беше објавена и пораката „Убијте ги сите!“.

Шпанија вообичаено има пет нивоа на антитерористичка тревога и моментално е на четвртото ниво.

„Марка“, пишува дека засега нема индикации за одложување на натпреварите и наведува пример кога пред неколку години цивилната заштита уапсила вооружен маж и пронашла дрон полн со експлозив што сакал да го употреби на „Ел Класико“.

Сепак шпанскиот весник посочува и дека нема причина за паника. Министерството за внатрешни работи на Шпанија пред овој натпревар ги подигна безбедносните мерки бидејќи натпреварот беше означен како натпревар од „висок ризик“.

Единствено медиумите во Шпанија обрнаа внимание на безбедносните прашања пред четвртфиналните натпревари, додека во Англија, Франција и Германија немаше никаква реакција.

Scroll to Top