Бугарија: Пропадна и третиот обид за формирање влада, на повидок нови предвремени избори

Бугарската популистичка партија Има таков народ (ИТН) во четвртокот одби да се обиде да формира нова национална влада, отворајќи го патот на претседателот Румен Радев да распише предвремени избори, шести за речиси две години.

Одлуката на ИТН дојде откако централно-десничарската партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и нејзиниот поранешен коалициски партнер, центристичката партија Промените продолжуваат (ПП), потврдија дека не можат да формираат нова влада.

„Изборите се највисоката форма на демократијата, ќе ја чуваме оваа папка уште неколку секунди и ќе ви ја вратиме празна, со неисполнет мандат“, му рече на претседателот Римен Радев, заменик-шефот на пратенилката група на ИТН во парламентот, Ивајло Валчев.

Радев рече дека сега ќе бара вршител на должноста премиер за да се формира кабинет чија задача ќе биде распишување предвремени избори.

Претходно, министерката за надворешни работи и Марија Габриел од ГЕРБ изјави дека нема договор за формирање нова влада со ПП, а согласно договорот за поделба на власта, според кој должноста на премиерот ротира.

По парламентарните избори минатата година, двата политички табора кои освоија најмногу мандати, ГЕРБ и ПП, направија договор за поделба на власта според кој ротира должноста на премиерот.

Габриел најпрво се согласи да формира нова влада по оставката на премиерот Николај Денков (ПП) на 5-ти март, така што во наредните девет месеци, според договорот, владата ќе ја води ГЕРБ, но преговорите пропаднаа поради барање за функцијата министер за внатрешни работи.

Во април минатата година ГЕРБ освои 69 од 240 места во парламентот, а блокот предводен од ПП освои 64 места. Според бугарскиот устав, парламентот не треба да се распушта пред предвремени избори. Во тој период владата ја води ткн службен премиер кој го именува претседателот на државата.