Синдикалниот претседател на „Водостопанство“, Коста Малзарков, посочи дека акционерското друштво се соочува со поголема финансиска криза во последните три години, од кои најизразена е во тековната 2024 година. Кажа дека средствата кои друштвото ги прибавило до февруари годинава од наплата за претходната 2023 година, требало да ги подмират трошоците за плати на вработените во „Водостопанство“ до јуни годинава, но оти тоа не е можно бидејќи УЈП им ја блокирало сметката
Вработените во дирекцијата на АД „Водостопанство“ и во сите 14 подружници на акционерското друштво, заедно со синдикалните претставници, денеска одржаа мирен протест поради неиспла на мартовската плата. За проблемот, како што рекоа, биле известени во изминатиот период, по што пред десетина дена се обратиле до Владата и техничкиот премиер за негово решавање, но досега оттаму не добиле одговор.
„Бараме Владата да одобри средства за плата и трошоци за подготвување и одржување на системите за наводнување, за гориво, за електрична енергија и други трошоци“,
рече претседателот на Синдикатот на АД „Водостопанство“, Коста Малзарков.
Синдикалниот претседател посочи дека акционерското друштво се соочува со поголема финансиска криза во последните три години, од кои најизразена е во тековната 2024 година. Во оваа насока кажа дека средствата кои друштвото ги прибавило до февруари годинава од наплата за претходната 2023 година, требало да ги подмират трошоците за плати на вработените во „Водостопанство“ до јуни годинава.
„Но, Управата за јавни приходи ни ја блокираше сметката и сите средства ни ги зема. Неплатените обврски спрема УЈП се должи на доставените фактури од наша страна до комуналните претпријатија во Куманово, Струмица, Берово и Кавадарци кои не ги платиле своите обврски кон нас. Се работи за долг од околу 240 милиони денари од кои само ДДВ се 45 милиона“,
посочи првиот човек на Синдикатот на „Водостопанство“.
Малзарков додаде дека УЈП од септември минатата година присилно му наплатило на „Водостопанство“ околу 90 милиони денари, 75 милиони по основ на ДДВ и околу 15 милиони за солидарен данок, што, како што рече, е половина од сите собрани средства на ационерското друштво во текот на една година. За средствата прибавени од наплата на водните услуги рече дека се толку мали што стигнуваат само за плата за осум месеци.
На прес-конференцијата пред дирекцијата на АД „Водостопанство“ се обрати и претседателот на Агросиндикатот при Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Игор Китаноски. Порача дека ситуацијата во која е доведено акционерското друштво не е по вина на вработените.
„Вработените воопшто не се виновни за ситуацијата тука, тие редовно си ги извршуваат своите работни задачи и редовно и навремено доаѓаат на работа. За оваа голгота се знае кој е виновен, виновен е сопственикот и основачот, односно Владата, и виновен е работодавачот, односно менаџерскиот тим. Да оставиш армија од вработени, дали од ‘Водостопанство’, дали од ‘Национални шуми’, без плата и за верските празници кои поминаа и за оние кои доаѓаат е срамота“,
рече Игор Китаноски, претседател на Агросиндикат при ССМ на денешната прес-конференција.
Китаноски се надоврза и за поблемот со кој се соочуваат во однос на одредени општини кои, како што рече, се фаворизираат и толерираат од страна на менаџментот и неколку години не ја плаќаат услугата за водоснабдување.
„Станува збор за поголема сума на пари од околу 240 милиони денари за што се имаат издадено фактури, но не се наплатени повеќе години. Зошто тоа се толерира треба да каже менаџерскиот тим. Зошто се дозволува толкава сума на пари да не е наплатена и зошто се фаворизираат тие општини треба, исто така, да каже менаџерскиот тим и да одговара за тоа“,
додаде Китаноски.
Доколку барањата на вработените во „Водостопанство“ за исплата на мартовската плата не бидат исполнети, тие најавуваат радикализирање на протестите.