Навивачите се собраа пред Градски, верната „Фаланга“ бара средба со газдата на Брегалница!

На социјалните мрежи за денес се најавуваше собир на навивачите пред стадионот во знак на револт бидејќи Брегалница ги изгуби сите шанси за директен опстанок, а клубот е и пред официјално испаѓање бидејќи има шест бода негатива во однос на бараж зоната, а веќе овој викенд „сините“ официјало ќе се збогуваат од фудбалската елита.

Сепак, на денешниот најавен собир за пред стадионот во 13 часот, за околу 20тина минути се собраа мал број на навивачите кои влегоа на теренот и пред просториите на клубот побараа разговор со раководството на клубот.

Како што информираат од навивачката група „Фаланга“ разговарале со извршениот директор Емил Тодев, но немал конкретен одговор на нивните прашања, а велат дека очекуваат газдата на клубот да собере храборст за да даде одговор на нивните прашања.

„Денес штипската навивачка група Фаланга се собра да побара одговорност од газдата на клубот Кирил Гогов, за лошите резултати, испаѓањето во Втора лига и недомаќинско, нетранспарентно работење со клубот. Но, газдата на клубот не беше присутен на стадионот, единствен присутен на стадионот беше извршниот директор Емил Тодев, кој на поставените прашања немаше конкретен одговор и најави дека газдата на клубот можеби ќе собере храброст да се појави на 7. мај, кога ќе пристигне во Штип. Затоа ја повикуваме целата штипска јавност, односно навивач, фан, симпатизер, да се појави на масовен протест, за кој дополнително ќе објавиме точна дата и време кога ќе се оддржи“, се вели во соопштението од навивачката група „Фаланга“.

Брегалница во следното коло гостува во Турново на „Кукуш“ против Брера Струмица, каде и во зависност од резултатите може во Штип да се врати како нов второлигаш, па штипјани на Градскиот стадион и новата трибина да гледаат второлигашки фудбал.

Александар Ванев, М-Нет