Светската фудбалска куќа ФИФА го казни македонскиот прволигаш Шкупи со забрана за трансфери во следните три преодни рока. Оваа забрана веројатно е по пријава на екс-фудбалери на чаирчани, кои имаат неисплатени плати според претходни договори со Шкупи.
Според одлуката која и официјално е поставена на сајтот на ФИФА, Шкупи нема да смее да регистрира нови играчи без разлика дали се странци или домашни.
Од Шкупи веднаш реагираа со соопштение.
„Во врска со најновите вести кои кружат во медиумите, поврзани со забраната за трансфери на ФК Шкупи, информираме дека претседателот Јасин Коњали лично ја презеде одговорноста да ги врати сите долгови што ни оставени како резултат на процесните прашања во врска со трансферот на клубот во рацете на новите менаџери. Како што е познат за комплетирање на документацијата треба време, но документите се веќе во постапка и во текот на следната недела ќе се реши и овој проблем. Тоа значи дека ФК Шкупи нема да има проблеми на јануарискиот трансфер пазар, кој со нетрпение го очекуваме“, се вели во клупското соопштение на Шкупи.