ХРИСТО СИЉАНОВ: ВО СРБИЈА ИМАШЕ НАЈЧИСТОКРВНИ МАКЕДОНЦИ АВТОНОМИСТИ – 1905 г.

Хроничарот на македонската револуционерна борба, Христо Сиљанов говори за двајца Македонци кои, како српски воспитаници, изградиле кариери во српското општество и останале да живеат во Србија, но не дејствувале како Срби. Станува збор за друштвото Македонски клуб во Белград од 1905 г. и неговите основачи – Ѓорѓи Ѓерѓиков и Глигор (Григорие) Хаџиташковиќ.
Како за свои истомисленици, Сиљанов пишува:
– „Во Србија, имаше една група, којашто не ги сподeлуваше доминантните во српското општество чувства и погледи за македонското прашање – групата околу в. ’Словенски Jуг‘… Имаше и друга група најчистокрвни автономисти – групата околу весникот ’Автономна Македониja‘ … Таа група има трагична историја – толку трагична, колку што е и општата судба на сите Македонци, кои безрезервно му служеле на светлиот автономен идеал. Нејзината дејност, многушумна но кратковремена, е сврзана со имињата на двајца Македонци со српско воспитание: офицерот Ѓорѓи Ѓерѓиков од Гевгелија и Глигор хаџи Ташковиќ од Воден, гимназиски учител. Ослободителното движење на „бугарските“ сотатковинци ги пленеше нивните души и ги направи протагонисти на идејата Македонија за Македонците. Герџиков беше активниот борец, а Хаџи Ташковиќ – борецот со перото и словото.“
Сиљанов се смета за „Бугарин“ по државјанство или подаништво, но нему не му пречи тоа што Ѓерѓиков и Хаџиташковиќ се српски државјани. За нив, заедничката државно-национална определба и идеал е автономна и самостојна Македонија. По националност, сите тројца се Македонци.
– „За нив двајцата, автономијата не беше маска за прикривање зли замисли, ниту мамка за ловење наивници, туку свет обединителен лозунг. Ете зошто, кога видоа дека српското четништво се опира против Организацијата и се преобраќа во средство за фабрикување ‘срби’ преку силата на оружјето, тие раскрстија со четничкиот комитет ‘Атанацковиќ – Гоќевац’ и образуваа одделна автономистичка група. Тоа беше вистински подвиг.
Во август 1905 г. двајцата другари дојдоа во Софија и од името на групата влегоа во преговори со претставниците на Внатр.(ешната) организација (ВМОРО) за заемно делување.”
ЛИТЕРАТУРА: Христо Силянов, „Освободителните борби на Македония“, том II, София, 1943, стр. 464 – 6.
На 12 октомври 1905, во Белград, Ѓерѓиков и Хаџиташковиќ почнале да го издаваат неделникот „Автономна Македонија“. Во него, Македонците ја застапуваат идејата дека Македонското прашање не е прашање на ниту една балканска држава, туку е самостојно прашање. Примерок од првиот број од весникот бил спален уште утредента. За тоа сведочи и српскиот весник „Политика“ (14. Х, 1905 г.), во напис под наслов „Спалена ‘Автономна Македонија’“:
– „Вчера попладне беа растурени летоци на Универитетот, во коишто ’Националната Младина’ ги повикува сите младинци да се соберат во два часот пред Универзитетот и пред споменикот на Кнез Милош да го спалат новиот весник ’Автономна Македонија‘, којшто излезе истиот ден.“
После Собирот, српските наци-шовинисти го запалиле весникот и „во мир“ се разотишле. Сепак, неделникот излегол во 12 броја – до декември, но тогаш српските власти го забрануваат и почнуваат прогон против Македонскиот клуб. Офицерот Ѓерѓиков е на удар, и тој пребегнува во Македонија, каде што, по Младотурската револуција, ѝ се приклучил на групата „Санданисти“ (околу Јане Сандански) и по неколку години – во 1911. починал од туберкулоза, како легален службеник во родната Гевгелија, тогаш сѐ уште дел од Отоманскиот Султанат.
Глигор Х.Т. сепак е неоткриен и останува во Белград. Во 1918. прави обиди за предлози околу „Крфската декларација“ од 1917., со цел и Македонија и Македонците да имаат придобивки од неа. Автор е и на одделната „Воденска декларација“ – со истата цел и идеја – слободна, самостојна и обединета Македонија. ——–/
ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа