Македонија

Кои се правилата за избор на „татко“ или „мајка“ на нацијата

Македонија бира нов претседател кој ќе ја води државата во наредните пет години.

Од седум часот граѓаните бираат меѓу седум кандидати. Гласањето според изворните правила завршува во 19 часот кога се затвораат избирачките места.

Доколку гласањето од различни причини е прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.

Во 19:00 часот доколку на избирачкотп место има внатре избирачи, избирачкиот одбор ќе им овозможи да го остварат своето право и да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност од надлежната Општинска изборна комисија, но не се отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.

Уставот пропиша дека за шеф на државата во првиот изборен круг е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.
Победник е оној кој добил барем еден глас повеќе, но услов е на гласање да излегле минимум 40 проценти од граѓаните со право на глас, запишани во едунствениот изборачки список.
Доколку овој услов не биде исполнет, целата постапка за избор на претседател се повторува.

Доколку и во вториот круг од гласањето ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“, стои во членот 81 од Уставот.

Но, уставотворците не предвиделе рок до кога мора да се распишат новите претседателски избори ако не се исполни цензусот, а предвиделе дека во случај на спреченост, функцијата претседател ја врши претседателот на Собранието (член 82)).

Во истиот член се вели дека „кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување“.

На почеток