Првпат по 2017 година, стрип-книжарницата „Бункер“ повторно организира „Ден на бесплатни стрипови“. Станува збор за манифестација што првпат се одржа во Соединетите Американски Држави во 2002 година, а потоа се прошири и во многу други земји. Во првите шест години се поделени повеќе од 12 милиони бесплатни стрипови во над 30 земји. Целта е промовирање и ширење на стрип-културата.
– Оваа година обезбедивме 500 стрипа што ќе бидат поделени бесплатно, а бројката расте, бидејќи во акцијата се вклучуваат и голем број домашни издавачи и поединци. Настанот е закажан за сабота, во стрип-книжарницата „Бункер“, со почеток во 10 часот, а ќе трае до 15 часот, или додека не се потрошат количествата. Стриповите ќе бидат делени по принципот „прв дојден, прв услужен“, секој посетител ќе има право да земе најмногу два стрипа од претходно направената листа. Покрај бесплатните стрипови, стрип-книжарницата „Бункер“ ќе понуди и 30 отсто попуст на целокупниот асортиман – велат од „Бункер“.
Исто така, новина е и тоа што годинава во соработка со „Светот на Биби“ еден дел од стриповите ќе биде подаруван и во нивната продавница во Битола, со што настанот ќе добие регионален карактер.