Атаман: Ако не го внесам Панатинаикос на фајнл-фор, заминувам

Тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман беше многу бесен после поразот на неговиот тим од Макаби Тел Авив во првиот меч во 1/4 финалето на Евролигата, со кој неговиот тим има негатива. Израелскиот тим славеше сред Атина, и така му донесе проблеми на грчкиот тим.

После мечот Атаман на прес-конференцијата зборуваше за причините за поразот, и се осврна на целата серија.

„Верувам дека сме многу подобар тим од Макаби и дека ова е многу важно за нас. Мораме да се вратиме во форма. Ветив дека ќе го однесам тимот во Ф4. Тука ништо важно не се случи. Сега е 1-0 за нив, но ние ќе одиме на фајнл-фор. Ако не успееме, тогаш јас нема да бидам тренер на оваа екипа идната година“, изјави Атаман.

Тој беше незадоволен од односот на сите во клубот пред овој меч, и кажа дека неговиот тим не заслужи победа поради големиот број на грешки.

„Не заслуживме да победиме. Промашивме девет слободни фрлања, многу губивме топки, ја загубивме и најважната топка на мечот. Сите, играчите, стручниот штаб, клубот, навивачите сакаа да уживаат во спектакл, и сите заедно не заслуживме да победиме“, рече Атаман кој исто така ги нападна и судиите.

„Два пати смешно досудија по три слободни фрлања за Болдвин. Јас се жалив, но не е фер да дадете фаул на првиот шут за тројка. Му кажав дека го предупредувам и добив теничка. Нека ме казнат, но сите ги видоа овие чудни одлуки“, изјави Атаман.

Се вчитува...