Излезноста на претседателските избори до 15 часот е 34,9 отсто

CREATOR: gd-jpeg v1.0 (using IJG JPEG v62), quality = 82

Излезноста на претседателските избори до 15 часот, според податоците на порталот на Државната изборна комисија (ДИК) е 35.26%, што претставува зголемување од 6.37% во споредба со изборите во 2019 година. Досега гласале 534.988 луѓе.

Општина Новаци има најголема излезност од 57.69%, а во апсолутни бројки најмногу гласале во Аеродром – 29.852.

Инаку, претходно во текот на денот, излезноста до 13 часот била 24.82%, а до 11 часот излезноста била 12.78%.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Тони Ангеловски претходно на прес-конференција посочи дека не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето кое генерално се одвива мирно и без проблеми.

„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 09.30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, рече Ангеловски.

Околу 9:20 часот на избирачко место во селото Бучим, Ангеловски посочи дека од страна на претседателот на избирачки одбор е пријавено дека Р.О. (52) од селото му го покажал гласачкото ливче на еден набљудувач и од страна на ОВР Радовиш се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„Покрај ова, на подрачје на општина Чаир во Скопје на паркирани возила забележани се летоци во врска со изборниот процес, а на две локации во Скопје се забележани испишани графити. На гласачко место во Скопје, покрај испишан графит, околу 06.30 часот е пријавено од страна на претседателот на избирачкиот одбор дека во ходникот била пронајдена испукана димна бомба. Од страна на полициски службеници се преземени потребните мерки и активности и гласањето се одвива непречено“ сооопшти Ангеловски.

Од МВР апелираа до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.

Изборни нерегуларности можат да се пријават до Државната изборна комисија на телефонскиот број 0800 555 44. За пријавување било каква повреда на избирачко право граѓаните можат да се обратат и до Народниот правобранител на бројот 0800 54321.

Излезноста во живо може да се следи на веб-страницата на Државната изборна комисија на следниов ЛИНК.