Компанијата SpaceX за американската војска успешно лансираше нов GPS сателит во орбитата, пренесува CNN.

Лансирањето на новиот GPS сателит ги продолжува напорите за зајакнување на констелацијата на глобални сателити за позиционирање и навигација, кои се користат од апликациите за паметни телефони, но се користат и за воени операции и многу повеќе.

GPS сателитот беше лансиран со помош на ракета Falcon 9 од Кејп Канаверал, Флорида, а SpaceX потврди дека мисијата е успешно завршена. Станува збор за сателит од новата генерација наречен GPS III, кој е во орбита на 20.000 километри над површината на Земјата.

Во моментот има повеќе од 30 GPS сателити во таа орбита кои ја обиколуваат планетата за 12 часа додека континуирано емитуваат радио сигнали за да ја одредат прецизната локација на објектите на земјата. Новата генерација сателити GPS III, произведени од Lockheed Martin, ќе го модернизираат целиот систем. Планот е да се произведат до 32 сателити, вклучувајќи ги и шесте лансирани од 2019 година до денес.

Иако GPS услугите главно се користат од мобилни телефони, Lockheed Martin соопшти дека тие служат и за воени цели.

„Вселената стана спорна средина со сè поконкурентни противници. На нашите војници им требаат подобрени можности за да се справат со заканите. Потребата да се префрли фокусот назад на GPS како борбен систем никогаш не била појасна“, велат од компанијата Lockheed Martin.

Претходната генерација на GPS сателити стапи во употреба на крајот на деведесеттите години на минатиот век.

Откако ракетата Falcon 9 беше лансирана од Кејп Канаверал и потроши најголем дел од горивото, првата етапа се одвои од втората етапа и слета на платформа на море. Ова е веќе рутински маневар за SpaceX, кој редовно ги враќа своите ракети и повторно ги користи, а со тоа ги намалува трошоците.

Првата фаза што се користеше за лансирање на GPS сателитот претходно беше искористена за мисијата Crew-5 на SpaceX, која превезе четворица астронаути на Меѓународната вселенска станица во октомври.