НБА: Тренерот на Минесота мора да оди на операција на коленото

Тренерот на Минесота Тимбервулфс, Крис Финч, ќе биде подложен на операција на десното колено поради руптура на пателата што ја доби по судирот со играчот Мајк Конли во завршницата на натпреварот број 4 од плејофот од првото коло против Феникс Санс во неделата.

На една минута и 41 секунда пред крајот на натпреварот, Конли беше сопрен од Девин Букер со прекршок крај аут-линијата, а искусниот дефанзивец на Минесота потоа се заби во својот тренер кој стоеше покрај теренот.

По прегледите, одлучено е Финч веднаш да биде опериран и ќе мора да се опоравува меѓу половина и една година.

Неделниот дуел против Санс во улога на главен тренер го заврши помошникот на Финч, Мика Нори.

Минесота се пласираше во второто коло од плеј-офот со победата од 4-0 против Феникс и во следната рунда ќе игра против подобриот од бранителот на титулата Денвер Нагетс и Лос Анџелес Лејкерс, во кои Нагетс водат со 3-1.