Палевски објавувал политички постови, додека цела Македонија беше во потрага по Вања

0
182

Истиот ден кога избегал од земјава, на 1 декември, Љупчо Палевски Палчо последен пат објавил содржини на својот Фејсбук профил на кој е многу активен.

Додека целата јавност трагаше по исчезнатото девојче, осомничениот Палевски, секојдневно објавува политички пораки со националистичка и антизападна содржина. Последната објава му е во петокот на 1 декември во 13:51.

Во петокот, кога завршуваше Самитот на ОБСЕ во Скопје, тој има шест објави на Фејсбук поврзани со политика.

На 29 ноември, два дена по исчезнувањето и убиството на девојчето, тој има видеообраќање до своите следбеници, повторно поврзано со политика, како и уште неколку политички објави.

Само ден по убиството на девојчето има обраќање од час и половина во кое беседи дека Македонија е пералница на пари во Европа. Истиот ден објавува и 2,5-часовна видео дебата. Има уште неколку политички поста.

На денот на грабнувањето и убиството на девојчето нема објавено ништо на Фејсбук.

На 22 ноември, кога исчезнува убиениот Панче Жежовски од Велес, Љ.П. има неколку политички објави на неговата Фејсбук страница.

Во ниту еден момент не ги споменува исчезнатите по кои трага цела Македонија.

Тој постира свои политички ставови, како и ставови на неговото политичко движење „Десна“, кое го опишува како „Прирачник на чистите, сирови идеи“. Со ова движење се поврзани и другите осомничени за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

По целонеделната потрага, Обвинителството денеска соопшти дека е пронајдено безживотното тело на девојчето, но и на 74-годишниот велешанец. Двајцата биле убиени. За убиствата се осомничени пет лица, од кои Палевски се наоѓа надвор од државата. Тој е поранешен градежен претприемач, а сега политички активист од Скопје.

 

 

Telma.mk