„Алкалоид“ АД Скопје со донација на течен „Омепразол“ во вкупна вредност од 12,5 милиони денари, ќе го помогне лекувањето на околу 200 деца – пациенти на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести и на ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле.Според  генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов како компанија даваат свој придонес кон олеснување на процесот на лекувањето на децата, но и на подобрување на квалитетот на животот на пациентите.

 

 

Како континуиран поддржувач на македонското здравство и фармација, „Алкалоид“ АД Скопје донира дел од своите производни количини на иновативната формулација на „Омепразол“ во течна форма, во вкупна вредност од 12.520.800 денари, на ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести и на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата Козле, со цел олеснување на пристапот до соодветен третман во овој дел кај детската популација. Според проценката на двете здравствени институции, преку оваа донација, со соодветна терапија ќе бидат покриени околу 200 деца во времетраење од една година.

-Со оваа донација наменета за децата, како една ранлива возрасна категорија кога станува збор за одредени дигестивни нарушувања, како компанија даваме свој придонес кон олеснување на процесот на нивно лекување и на подобрување на квалитетот на животот на пациентите. Поаѓајќи од нашиот врвен приоритет – Луѓето и Здравјето пред сѐ, на кој се темели компаниската мисија за поздрав живот на секој поединец, ‘Алкалоид’ со децении помага онаму каде е најпотребно. Грижата за заедницата во која делуваме, особено онаа насочена кон најмладите, останува наш приоритетен сегмент во компаниското портфолио за општествена одговорност“, истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

Мукаетов е горд со тимот кој што го изготви овој препаратот. „Омепразол“ во течна форма – готов за употреба, е наменет пред сѐ за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) кај мали деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасни пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациенти со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).

Иновативноста на овој нов производ се базира на два посебни раствори содржани во двокоморското пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен „Омперазол“ за употреба. Производот има пријатен вкус на лимон и ментол и не содржи шеќер, сорбитол и бои.

И двете Универзитетски Клиники се задоволни од донацијата и Алкалоид како компанија која секогаш се грижи за пациентите.Тие потенцираа дека нашата најголема фармацевска компанија Алкалоид како ошествено одговорна компанија секогаш знаела да ги препознае потребите за пациентите и да застане на нивна страна.Тоа е случај и со овој нов препарат „Омперазол“ во течна форма кој што беше повеќе од потребен кај најмладата популација, односно доенчињата и младите деца. Лекарите нагласија дека олеснувањето се состои во полесниот начин на апликација и дозирање, што не е само олеснување за пациентите, туку и за родителите и здравствените работници.

Доцент доктор Валентина Цвејоска-Чолаковска, медицинскиот директор на Детската клиника се заблагодари на менаџментот на Алкалоид, за долгогодишната соработка со педијатрите, посветеноста и следењето на светските трендови.

– Со ова, нам лекарите, ни ја отвораат можноста да ги лекуваме пациентите со најсовремена терапија, по глобалните водичи за голем број болести. И овој пат, повторно, со лек во форма прилагодена за детската возраст. Уште еднаш изразувам благодарност, со уверување дека оваа соработка ќе се продлабочува и ќе се унапредува на задоволство на сите, особено на здравјето на децата, смета д-р  Цвејоска -Чолаковска.

И доктор специјалист Весна Џамбазовска од Клиниката за респираторни заболувања кај децата – „Козле“ укажа дека овој препарат им бил многу потребен на доенчињата и помалите деца.

-Олеснувањето се состои во полесниот начин на апликација и дозирање, што не е само олеснување за пациентите, туку и за родителите и здравствените работници- посочи д-р Џамбазовска

(В.Ма.)