Македонија
Силјановска за убедливото водство: Напати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат
Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот резултат е неверојатно инспиративен за нејзе и дека нема зборови со кои може да ја искаже благодарноста.
„Горда сум на мнозина, најпрво на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, заради поддршката, горда сум на мојот тим, ме подреа, ме критикуваа, горда сум на учесниците во изборната трка. Мислам дека сите знаеме дека изборниот процес е најстравствениот политички процес, но сепак во дебатата, во изјавите не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Горда сум на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, зошто каде и да бев јас, таму беа и тие, со поддршка. Се создаде една невидена синергија. Посебно сум горда на жените во Македонија, без оглед на било каква припадност мислам дека е време за идентификација на жена со жена. Жените беа мојата инспирација, мислам дека сум и јас нив. Нема да се однесуваме ние како мажите низ историјата, ќе покажеме дека имаме во себе знаење, ум, креација и вредно е ова општество да го искористи сето тоа“, рече кандидатот за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.
„Овој резултат е неверојатно инспиративен за мене. Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, напати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна. Само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин, од првиот ден. Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот. Јас ќе се однесувам со должна почит кон оној со кој што се натпреварувам, треба да ги инспирираме граѓаните да ги увериме дека вреди да се учествува на изборите. Без граѓани нема Македонија. Јас не ги делам граѓаните, јас знам дека претседател на држава мора да биде надпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува она што го ветила. Знаењето е вистинската моќ.
Постојано повикував на владеење на правото, но уште повеќе на единство во оваа држава. Запомнете, јас ќе соработувам со партијата што ме предложи, со премиерот, со министрите, но ќе соработувам и со опозицијата, со невладиниот сектор, со медиумите. Ве уверувам дека ќе се обидам дека секој ден и секому да покажам и докажам дека сум таму заради Македонија. Сакам да бидат на мене горди, бидејќи јас ќе го докажувам тоа. Македонија не може да биде само моја, туку на сите вас“, изјави Силјановска Давкова на прес-конференцијата вечерва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.