Пад на Волстрит трет ден со ред

На њујоршки Волстрит берзанските индекси во вторник, трет ден со ред благо паднаа, бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат дополнителни ризици, откако минатата седмица цените на акциите достигнаа рекордни нивоа.

Индексот Dow Jones загуби 0,08 отсто, на 39.282 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,28 отсто, на 5.203 поени, а индексот Nasdaq 0,42 отсто, на 16.315 поени.

Падот на индексите трет ден со ред е резултат на внимателноста на инвеститорите откако минатата седмица индексите достигнаа рекордни нивоа, а нема нови вести кои би го поттикнале растот на цените на акциите.

На неодамнешната седница, челниците на американската централна банка останаа на оценката дека годинава би можеле трипати да ги намалат каматните стапки. Тоа ги охрабри инвеститорите, бидејќи стравуваа дека Fed ќе го одложи намалувањето на каматните стапки во јануари и февруари поради зголемената инфлација во САД.

Сепак, сите добри вести веќе се вградени на пазарот, кој расте веќе петти месец по ред, па прашање е, велат аналитичарите, дали сѐ уште има простор за раст на цените на акциите.

Во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе бидат новите податоци за инфлацијата во САД, кои би можеле да укажат кога централната банка ќе почне да ги намалува каматните стапки.

Но, извештајот за индексот на трошоците за лична потрошувачка, кој внимателно го следат шефввите на Fed, нема да биде објавен до петок, кога најголемата светска берза ќе биде затворена за велигднеските празници.

„Најважните нови податоци ќе бидат објавени во петок. Дотогаш нема да има никакви значајни извештаи, така што не очекувам да се случи нешто значајно на пазарот“, вели Стивен Масока, потпретседател во „Wedbush Securities“.