Товарен брод десетти ден е насукан на брегот на полуостровот Истра во Хрватска, надлежните уверуваат дека засега нема загадување

И по десет дена откако се насука, бродот за превоз на стока сѐ уште е на истото место во Рашкиот Залив, на хрватскиот дел од полуостровот Истра, објави дневник.хр.

Египетскиот екипаж бил извлечен на копно, но бродот што пловел под знамето на Танзанија тоне.

Локалните жители за Дневник.хр велат дека во бродот навлегува вода.

„Има голема дупка под моторот, долу во моторот, моторот е покриен со вода и затоа не можат ништо да направат, мора да се завари… Така рекоа“вели Роберто Варешко.

Ова не е првпат ваква несреќа да се случи на речиси исто место. А тврдат дека штетата е голема.

„Има голема дупка на десниот крај веднаш под моторот. Секој ден поминувам таму, блиску до него, сè уште стои исправен, ништо не виси, ништо, но е блиску до крај”,додаде тој.

Варешко, кој е локален нуркач, вели дека опасноста од оваа хаварија демне секојдневно. Во бродот има гориво, како и замастена вода.

„Постои страв дека, не дај Боже, може да дојде до некое големо загадување, би било добро тоа да се санира што поскоро, да се осигуриме дека нема да има поголемо загадување на морето“ изјави нуркачот Варешко.

Неодамна беа поставени заштитни брани околу бродот, кога временските услови го дозволија тоа. Силниот ветер со денови не дозволувал ниту да се приближат до бродот.

Од Капетанијата во Пула истакнаа дека направиле сѐ што можеле, а состојбата се следи секојдневно.

„Дадовме соодветен рок бидејќи знаеме дека извлекувањето брод во ваква состојба е многу комплицирана ситуација, треба да се прават планови. Сè мора да биде детално напишано“вели Долорес Бренко Шкерјанц, директорка на Капетанијата во Пула.

Планот за извлекување беше усвоен по неколку контроли од овластени нуркачи. Но, ќе мора да почека. Оштетувањето на бродот ја комплицира ситуацијата.

Работите околу осигурувањето дека бродот нема да се поместува и отстранувањето на дизел горивото, како и замастената вода треба да се завршат во следните десет дена, додека самото извлекување се очекува во следните триесет дена.

Според Министерството за море, сообраќај и инфраструктура, засега нема загадување. Забрането е приближување до заглавениот брод во радиус од 500 метри. Причината за насукувањето сѐ уште не е позната.

Back to top button
Close