Лајчак предупреди: Страната која ќе го одбие европскиот предлог, ЌЕ ЈА ЗАГУБИ НАШАТА ПОДДРШКА

336

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, синоќа допатува во Приштина, каде што беше планирано да се сретне со вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими. Средба со премиерот на Косово Албин Курти не е закажана.

Лајчак во емисијата „Рубикон“ на телевизијата Клан Косова нагласи дека доколку една од страните не го прифати планот, меѓународната заедница соодветно ќе реагира и повеќе ќе ја поддржи едната страна или ќе ја намали поддршката за другата страна.

Тој рече дека процесот на дијалог е суштинска мисија на меѓународната заедница.

– Овој процес во голема мера е во фокусот на меѓународната заедница. Мисијата од минатиот петок беше навистина тешка, САД, ЕУ и три земји немаше да дојдат овде напразно- објасни Лајчак за Клан Косова.

Тој додаде дека кога двете страни ќе кажат дека се подготвени да го прифатат европскиот предлог, ќе се соберат на заедничка средба.

– Разговорите ги водиме одделно со двете страни, но кога ќе ги собереме, секако очекуваме да го прифатат и потпишат планот и секако да го спроведат. Ние сме партнери и не доаѓаме со закани или ултиматуми. Имаме најдобра намера навистина да го подигнеме квалитетот на односите – рече Лајчак.

Тој додаде дека се вратил за да ги продолжи разговорите.

Лајчак рече дека предлогот содржи 11 точки и дека најдобар начин е да се нарече предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

– Планот го претставив во септември и прво разговаравме со премиерот Албин Курти. Потоа во декември презентирав ажуриран план со коментарите што ги добивме од владата на Косово. Минатата недела ја имавме нашата прва суштинска дискусија во врска со планот. Како што знаете, средбата траеше два и пол часа, имаше долга дискусија, а амбициите се да се запре циклусот на криза за да се фокусираме на нормализација – рече Лајчак.

На прашањето колку е променета сегашната верзија во однос на првиот нацрт, Лајчак рече дека некои текстови што беа претставени во медиумите не се точни.