Култура СУГС „Браќа Миладиновци“

Снимање на дел од долгометражниот филм „Скејтањето не е за девојчиња” во СУГС „Браќа Миладиновци“

Локациите на снимање се на територијата на Скопје.

Снимање на дел од долгометражниот филм „Скејтањето не е за девојчиња” во СУГС „Браќа Миладиновци“

Дел од долгометражниот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, ќе се снима денеска во СУГС „Браќа Миладиновци“ во Драчево. На првата клапа на филмот, кој е во продукција на „Систерс и брадер Митевски“, ќе присуствува и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Агенцијата за филм Владимир Ангелов.

– Овој проект е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска од каде ни доаѓа креативна и техничка екипа, проект кој ни е особено драг бидејќи е сместен во енергична ромска заедница во Шуто Оризари. Ова е филм кој следи три генерации жени – додека тие се движат низ судирот меѓу традицијата и предизвиците од модерното време. Низ светогледот на 12 – годишната Адела, филмот ни отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата, информираат од продукцијата „Систерс и брадер Митевски“.

Локациите на снимање се на територијата на Скопје. Главните улоги ги толкуваат натуршчици и актери од ромската популација: Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дина Дума, коавтори Лидија Мојсовска и Теона Митевска, директор на фотографија Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминка Мојца Горогранц-Петрушевска, кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Лабина Митевска, копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац.

Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија, Хрватска и од Еуроимаж.

Снимањето на филмот почна на 2 април 2024 година.

To top