Професор по биологија во средно училиште е главната „вест“ во изминатава недела на социјалните мрежи во Косово. Откако објави видео од својот дом како игра оро, прво се соочи со „булинг“, но потоа и со огромна поддршка од разни страни
Целиот случај доведе и до повици за протести и т.н. предизвик на социјалните медиуми – во функција на борба против „булингот“ во косовското општество
Изминатава недела на Косово се појави сосема неочекувана „интернет-ѕвезда“. Името му е Лулзим Паци, професор по биологија од Вуштриа (Вучитрн).
Професорот Паци, освен што предава во средно училиште, има пасија за народни ора. Тој барем во една пригода одлучил да објави и видеозапис на социјалните мрежи – како игра оро на народна музика. Видеото не е снимено во училиштето каде што работи туку во неговата куќа.
Видеото брзо станува популарно на социјалните мрежи. Првично, особено се гласни негативните коментари, па професорот Паци станува цел на „булинг“. Во интервју за косовска телевизија КТВ, Паци низ солзи ќе изјави дека поради целото искуство му рекол на својот брат дека ако се срами од него да не кажува дека има брат.
„Му реков на брат ми, ако те прашаат што ти е Лулзим Паци, кажи братучед. Не им кажувај дека сум ти брат“
рече професорот Паци.
Целата приказна добива дополнителен заплет кога меѓу „обичниот“ свет на критиките се приклучува пратеничката од владејачката партија Самопределување. Фјола Ујкани на својот фејсбук-профил ја нарекува постапката на професорот „дегенаритивна“.

„Деновиве еден од професорите на гимназијата ‘Еќрем Чабеј’ објавува свои видеа кои се недолични и дегенеративни постапки. Затоа ги повикувам директорот на гимназијата и Дирекцијата за образование во Вуштриа да преземат мерки против професорот. Затоа што неговите постапки преку видеа сугерираат дека таков професор не може да ја едуцира и образува најскапоцената категорија на општеството, нашата младина“,
напиша Ујкани.
По критиките и од политиката, Паци наеднаш добива спонтана поддршка од различни страни. Така, деновиве, многу познати личности од косовскиот културен и политички живот објавуваат видеа како играат оро. Некои од нив го побарале Паци и снимиле видеа како играат со него. Градоначалникот на општината во која работи Паци, пак, играше со професорот во живо – пред ТВ-камери.
Во поддршка на колегата излегоа и наставници од Американското училиште во Косово.

Во поддршка на професорот Паци излегоа и голем број пејачи, уметници, глумци. Познатата пејачка Дафина Зеќири на својот профил на „Тик-ток“ објави видео заедно со наставникот по биологија. Во знак на поддршка, славната пејачка реши да ги „здружи силите“ со наставникот.
@dafinapipinazeqiri @Luli_0000007 me profen ? #meprofen #challengemeprofen #dafinazeqiri #viral #fyp #albania #balkan ♬ Vallja E Rugoves Shota – Valle
Професорот Паци го поддржа и колешката на пратеничката Ујкани, Адријана Матоши. На видео се гледа како пратеничката Матоши игра оро.
„Конечно, по пандемијата и изолација што ја доживеавме, луѓето наоѓаат мотив да одразат малку позитивност и да се забавуваат на свој начин. Ништо лошо не сте направиле“
напиша Матоши.
Настрана од реакциите во јавноста, случајот изнуди коментари и од институциите. Заменик-министерот за образование Дукаѓин Пуповци е на став дека професорот е слободен да прави што сака во својот дом.
„Не сме виделе нешто разумно да реагираме на целосно приватно човечко прашање. Мислам дека сега јавноста некако зазеде став за тоа и немам што да додадам. Секој е слободен да прави што сака во својата куќа“,
рече Пуповци.
Како резултат на „булингот“ над професорот се појавија и повици за протести во Приштина и Вуштриа под мотото – „Продолжуваме против булингот“. Исто така, беше организиран и предизвик во кој граѓани и јавни личности го играат истото оро како професорот и го објавуваат на социјалните мрежи.

По реакциите во јавноста, пратеничката која го критикуваше професорот, Фјола Ујкани, на Фејсбук објави „објаснување“, но и извинување.
„Многу ми е жал ако мојата реакција го повреди професорот Паци, за што јавно се извинувам. Прво, сакам да појаснам дека во мојот карактер булингот нема место во ниедна форма и по секоја цена. Разбирам дека некои луѓе реагираа со добра намера, но има значителен број од нив кои ја искористија мојата реакција за политички и злонамерни напади врз мене. Многу ми е жал ако мојата реакција го повреди професорот Паци, кому јавно му се извинувам. Мојата реакција беше насочена кон заштита и благосостојба на учениците и во секој случај зачувување и заштита на кредибилитетот на училиштето, во случајов гимназијата, но никако да му наштети на некој друг“,
напиша Ујкани.

Професорот по биологија Љуљзим Паци го прифати извинувањето од пратеничката на движењето Самоопределување, Фјола Ујкани.
„Бев информиран дека јавно се извини. Мудрите простуваат, од тој аспект не возвраќаат. Нека биде во свеста на сите. Бог враќа и нека биде во нејзината свест. Имам почит кон неа, таа беше ученичка во нашето училиште. Мислам дека бев во право и во однос на националните ора, промоцијата, негувањето и зачувувањето на албанските традиции ќе продолжам да објавувам видеа кои имаат содржина од единствена причина да не ги заборавиме нашите традиции“,
напиша Паци.