ДИМИТРИЕВСКИ: Кампањата не е еднаква за сите, недозволиво е најфаворизираните да бегаат од дебата!

76

Претседателските кандидати од помалите партии се речиси невидливи за јавноста, а кампањата не е еднаква за сите, потенцираше кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, вчера, по средбите со граѓани на скопското Зелено пазарче. Тој јавно ги повика на телевизиски дуел сите противкандидати, особено „оние од македонскиот и од албанскиот блок, кои се најфаворизирани во медиумите“.

– Сакам да упатам апел до сите мои противкандидати, првенствено до двајцата најфаворизирани од македонскиот и до двајцата најфаворизирани од албанскиот политички блок, да не бегаат од дебата, да им дадат можност на граѓаните да ги слушнат плановите и визиите на сите нас, да кажеме што планираме да работиме од позиција на шеф на државата ако бидеме избрани. Барам од мојот противкандидат Стево Пендаровски да излезе на телевизиски дуел со мене и да ги соочи своите факти и аргументи. Исто така, барам и Гордана Силјановска-Давкова да ги соочи аргументите со мене и со другите противкандидати. Во спротивно, ќе сметам дека бегаат од јавна дебата, зашто немаат што да им понудат на граѓаните. Во оваа држава, покрај партиските членства, живеат и други граѓани и имаат право да слушнат што планира да реализира идниот претседател, од позицијата што ќе ја добие – истакна Димитриевски.

Граѓаните, дополни, не заслужуваат „ваква нетранспарентна, селективна и наменска кампања како што има во моментов“.

– Недозволиво е за претседателските кандидати кои се најфаворизирани во сите средства за јавно информирање, да бегаат од јавна дебата. Имам чувство дека оваа наменска кампања се води единствено за двајца кандидати, кои се фаворизираат по секој основ и добро е за демократијата и за Македонија во целост, граѓаните да добијат можност да нè видат и да нè слушнат сите во исти услови, зашто целата кампања не е еднаква за сите. Ние, како претставници на граѓаните со граѓанска иницијатива или претставници на мали политички субјекти, сме незабележливи во делот на информирањето, додека другите кандидати се секојдневно присутни на сите медиуми, во закупниот медиумски простор што го налага законот. Не сме еднакви – подвлече Димитриевски.

Инаку, пред официјално да почне кампањата, кандидатот за претседател Стево Пендаровски, кој се трка за втор мандат, ги покани своите шестмина противкандидати на две мастер дебати. Иако штабовите на другите претседателски кандидати се согласија, дел од кандидатите имале услов на дебатата да не присуствуваат Стевчо Јакимовски, кој се најде на црната листа на САД, и Билјана Ванковска, поради ставовите за ЕУ и за НАТО. Поради вакви специфични барања, од штабот на Пендаровски соопштија дека, сепак, мастер дебатите нема да се одржат.