Земјоделците останаа без ниви, бизнисот со струја цвета!

Огромниот интерес за изградба на фотоволтаици продолжува да ги уништува земјоделските површини. Бизнисот со струја цвета, а земјоделците останаа без ниви. Се поставуваат панели насекаде, без државата да поведе сметка за своите стратешки интереси кога се работи за производство на основна храна. Експертите коментираат дека земјоделските површини се претвораат во индустриски зони, соларни паркови и на нив ќе се изградат фабрики, фотоволтаици, хангари...

298

Огромниот интерес за изградба на фотоволтаици продолжува да ги уништува земјоделските површини. Бизнисот со струја цвета, а земјоделците останаа без ниви. Се поставуваат панели насекаде, без државата да поведе сметка за своите стратешки интереси кога се работи за производство на основна храна. Експертите коментираат дека земјоделските површини се претвораат во индустриски зони, соларни паркови и на нив ќе се изградат фабрики, фотоволтаици, хангари… Според експертите не може енергетиката да има предност пред прехранувањето на луѓето. Првокласното земјиште треба да се користи за производство на храна и да не се дозволи на него да се поставуваат фотоволтаици и да се градат објекти, односно да се пренаменува во градежно.

Ќе останеме без храна ако продолжи изградбата на фотонапонски централи и други објекти на плодно земјоделско земјиште, реагираат земјоделците. Тие бараат да се поставуваат вакви електрани на земјиште од седма класа, а не од прва и втора класа.

-Поставувањето фотонапонски централи треба да биде стратешки направено со утврдени локации од страна на државата кои ќе можат да ги купуваат инвеститори за да не се доведеме во состојба и на плодно земјиште да никнуваат централи наместо да се произведува храна. Има доволно површини во земјава кои се погодни за фотоволтаици, а не се обработливо земјиште, но притоа е потребно да не се дозволат манипулации и коруптивни зделки, велат енергетските експерти.

Универзитетскиот професор, Илија Каров, смета дека со оваа политика што сега се води буквално се уништува земјоделството. Како што тргнала работата наскоро ќе немаме воопшто домашно производство.

-Ова што се случува моментално е буквално уништување на земјоделството. И тие земјоделски површини што останаа ќе се претворат во индустриски зони, соларни паркови и на нив ќе се изградат фабрики, фотоволтаици, хангари… Ова е само уште еден доказ дека власта дигна раце од земјоделството. Само се сликаат, даваат изјави ветуваат нешто, а на терен ситуацијата е многу поинаква, вели за весникот ВЕЧЕР, Каров.

Тој додава дека власта не си стои на зборот и не го оствари ветувањето дека нема да дозволи да се поставуваат соларни панели на најквалитетното земјоделско земјиште од прва и втора категорија. Ние секојдневно гледаме дека земјоделските полиња се претвораат во соларни паркови.

Земјоделците преку нивните здруженија и синдикати реагираат и истовремено стравуваат дека плодните ниви, наместо за производство на храна, ќе се користат за производство на струја.

-Покрај низата проблеми што ги имаат земјоделците, проблем е и тоа што неконтролирано се овозможува на плодно земјиште да се градат различни објекти. Земјоделецот наместо да произведува на плодна почва, сега оди со километри да обработува неплодно земјиште. Така е во Струмичкиот регион, а така е и во другите региони. Од друга страна, очекуваме земјоделците да произведуваат повеќе храна која сè помалку ќе ја има во светот, вели Велков.

Според него, тоа е така затоа што земјоделскиот сектор го водат правници, економисти…, а не агрономи.

-Досега во секторот земјоделство немаше ниту еден агроном, а така е всушност и во сите други сектори, затоа ни пропаѓа државата. Сè додека е така ќе плаќаме се поскапо и ќе се молиме да го има, додава Велков.

Земјоделците неодамна алармираа дека освен домашни приватни лица, компании и луѓе блиски до власта и странци почнале да купуваат нивите и пасиштата и на нив поставуваат фотоволтаици, а државата тоа го толерира.

(А.С.)