На парламентарните избори целиме кон двоцифрен број на пратеници, вели Максим Димитриевски

„Во оваа трка не влеговме да спасуваме никого, нашата агенда е јасна и немаме намера да бидеме привезок на ниту една власт. Без ЗНАМ нема да има Влада“, изјави актуелниот градоначалник на Куманово и кандидат за претседател на држвата

Актуелниот градоначалник на Куманово и лидер на „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ Максим Димитриевски вели дека во трката за претседател на државата влегува за да победи, а не само да учествува. На парламентарните избори, пак, како што изјави тој во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, целта и очекувањата му се да освојата двоцифрен број на пратеници и да имаат пратеничка група во идниот собраниски состав. 

Максим Димитриевски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5 / Фото: Принтскрин

„Во оваа трка не влеговме да спасуваме никого, нашата агенда е јасна и немаме намера да бидеме привезок на ниту една власт. Без ЗНАМ нема да има Влада. Целиме на двоцифрена бројка на парламентарните избори, а во најмала мера ќе имаме парламентарна група“,

рече Димитриевски во интервјуто. 

На следните парламентарни избори кога и да бидат, додаде тој, „Движењето ЗНАМ ќе биде најмалку втора партија по освени гласови. 

Одлуката да се кандидира за претседател, рече ја донел, оти сакал да излезе од комотната зона на градоначалник и поради лошата ситуација во која се наоѓа народот.  

За функцијата претседател рече дека ја прави човекот кој ја извршува, а не неговите ингеренции.  

„За нас синтагмата ‘зборот е збор’ се уште има значење и по тоа се разликуваме од другите, а тоа народот го препознава. Како претседател на Македонија нема да бидам послушник на законодавната и извршната власт, туку ќе ги спроведувам законите и нема да дозволам некој да ми кажува што да правам“,

вели кандидатот на ЗНАМ за претседател на државата. 

Во врска со евроинтеграциските процеси, Димитриевски посочи дека земјава во Европската Унија треба да влезе достоинствено. Тоа, како што кажа, ќе се случи еден ден, а во меѓувреме, треба да бараме и да изнајдеме начин да ја подигнеме нашата економија.  

Успешноста на интегративниот процес, според него, ќе зависи од нашата дипломатија, која како што кажа, треба да биде професионална, а не партиска.  

Во моментов, рече тој, немаат комуникација со ниту една друга политичка партија. На изборите ќе настапат сами и така планираат да го истераат целиот изборен процес во кој очекува голема поддршка од граѓаните.  

Димитриевски најави скромна кампања за изборните циклуси, бидејќи средствата со кои располагаат им се скромни.  

Околу темата за начинот на избор на претседател на државата, Димитриевски смета и се залага да остане сегашниот концепт, односно шефот на државата да се бира на непосредни избори за да добие легитимитет, а не во Собранието, бидејќи, вели, претседателот на државата ја има една од клучните улоги во надворешната политика на државата.  

Неопходните 10 000 граѓански потписи за влез во трката за претседател на државата рече дека ги собрал спонтано и најголем дел од во Куманово, градот чиј актуелен градоначалник е. 

- Реклама -