Фото: МИА

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, на билатералната средба со бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, рече дека соработката и меѓусебната почит како модели за успех подеднакво се нужни и за земјите-членки на ЕУ и за земјите кои се на пат да станат членки на ЕУ, информираат од Секретаријатот за европски прашања.

– Меѓусебното почитување и уважување изградено врз европски вредности е единствениот модел за успех за сегашните и идните генерации. Знаеме дека секогаш ќе постојат фактори и од двете страни на границата, а и надвор од тие рамки кои сакаат инциденти, национализам, конфликти и враќање во минатото – кажал Маричиќ на средбата.

Вицепремиерот заедно со европратеникот Ќучук потврдиле дека покрај сите провокации и обиди за нарушување на добрите односи, двајцата, заедно со граѓаните, сакаат и силно се залагаат за соработка и добрососедство кои носат благосостојба за двете држави и двата народи и дека веруваат дека таа опција е и побројна, и посилна и дека со сигурност ќе надвладее во оваа ситуација.

Маричиќ во рамки на официјалната посета на Брисел во Европскиот парламент се сретнал и со европратениците Ирена Јовева и Дејвид Мекалистер, со кои разговараа за текот на скрининг процесот, реформскиот план и обврски и задачите кои ги имаме до крајот на оваа година.

На средбата со Мекалистер било истакнато дека сега Македонија мора фокусот да го стави на реформите и на политичкиот консензус, бидејќи тие се гаранти за брз напредок на патот кон ЕУ. Исто така, Мекалистер кажал дека Европа се соочува со безбедносни предизвици и затоа е важно регионот да остане стабилен и на европскиот пат.

– Членството во ЕУ е мора да остане наш надворешнополитички приоритет, како и дека ги спроведуваме неопходните реформи за да можеме да ја исполниме нашата цел и визија, 2030 да е година за членство во ЕУ – истакнал Маричиќ.

Вицепремиерот разговарал и со европратеничката Ирена Јовева која му ја потврди позитивната енергија за Македонија и поддршката од европските пратеници и Европскиот парламент за преговорите со ЕУ.

Отворање политички дијалог во Парламентот и заедничка соработка околу евроинтеграциите ќе значи влегување на Македонија во следната фаза од процесот. Македонија има капацитет и сме убедени дека сега е неопходен напредок и опипливи резултати кога станува збор за спроведувањето на реформскиот план и клучните области како владеење на правото, судството и борбата против корупцијата, посочил Маричиќ.

Денеска во Брисел, Маричиќ ќе се сретне со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, со новиот генерален директор на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман, со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.