Поранешната шефица на американскиот Стејт департмент истакна дека тешко дека Киев ќе влезе во НАТО, но дека секако ќе му требаат безбедносни договори, затоа што во центарот на Европа е оставен „безбедносен вакуум“.

Мора да ја отфрлиме фразата времето е на украинска страна. Јас би внимавала со тоа. Се чини дека Владимир Путин верува дека времето не е на украинската страна. Тој верува дека ако го употреби рускиот начин на војување, користејќи масовност, сиромашни момчиња од Дагестан, кои се само топовско месо, ако вклучи терористички активности против украинското население, дека ќе ги истошти Украинците, ќе нѐ истошти нас, ќе ги истошти Европејците. Мислам дека тоа не е точно, но мора да направиме сѐ што можеме за да го убедиме дека тоа навистина е погрешно, рече Рајс вчера во емисијата „Соочи се со нацијата“.

За влегувањето на Украина во НАТО, Рајс рече дека „тоа ќе биде тешко, поради Членот пет, нападот врз еден е напад врз сите, гаранцијата на НАТО“…, „но мислам дека она што го видовме е дека Украина де факто сега е многу силен сојузник на НАТО, и обратно.“

„Она што го знаеме е дека – самиот НАТО е заштитен, делот од територијата што не беше заштитен беше Украина“, рече поранешната државна секретарка од времето на Џорџ В. Буш и додаде:

„Во центарот на Европа е оставен вакуум, па така, што и да правиме, а се сомневам дека тоа ќе биде активирање на Членот 5 од повелбата на НАТО, треба да се погрижиме тој вакуум во иднина да не постои.“

„Во иднина ќе бидат потребни некаков вид безбедносни договори со Украина и веројатно сега треба да почнеме да работиме на тоа“, рече таа во емисијата на Си-би-ес њуз.

Иако НАТО „никогаш не бил во подобра форма“, Рајс рече дека испораката на оружје за Украина понекогаш „малку доцни“.

„Малку подобро проценувајте што ќе им треба на Украинците бидејќи е потребно долго време за да се достави тоа“, му порача таа на американскиот претседател Џо Бајден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.