Разговор со Татјана, читачка на тарот: Секоја карта споделува приказна која носи магична интерпретација

Фото: Приватна архива

Читањето тарот карти е нешто што на многумина им ја скокотка љубопитноста, особено кога бараат одговори за некои поважни животни прашања. И додека некои од луѓето ги користат за да добијат насоки за иднината, некои имаат недоверлив однос кон мистиката на тарот картите.

Интересно е дека сè повеќе млади луѓе покажуваат интерес за таротот, а на социјалните медиуми неретко се објавува содржина за овој начин на предвидување на иднината. Ако порано прва асоцијација за ова била повозрасна јасновитка, која го толкува значењето на картите во замаглена просторија, сега млади и урбани девојки организираат настани за тарот во повеќе скопски локали, а интересот е толку голем што за „термин“ се чека со часови.

На оваа тема разговараме со Татјана, 28-годишна девојка која секоја недела толкува тарот карти во едно скопско кафуле. Таа за себе вели дека е личност со повеќе интереси, почнувајќи од литература, уметност и програмирање, продолжувајќи со неисцртаните граници на човековата љубопитност.

Татјана, што е тоа што Ве привлече во светот на тарот картите?

– Богатите симболи на тарот картите и нивната способност на некој мошне интересен и невообичаен начин да се поврзат со луѓето и нивните приказни. Секоја карта споделува приказна којашто, поврзана со секој друг човек, носи магична интерпретација, па и насока за нивниот живот.

Мојата прва средба со тарот картите беше многу случајна, на една прослава за Нова година кај пријател пред неколку години. Беа многу впечатливи и привлечни, почнувајќи од тој ден, иако не ни знаев ниедно значање на тарот картите, како тие да ме одбраа мене да се занимавам со ова.

Како ќе му ги објасните тарот картите на некој кој првпат се среќава со нив?

– Станува збор за карти кои првично потекнуваат од Италија и тоа од далечната 1430 година, меѓутоа Франција со крајот на 19. век е особено заслужна за начинот на кои што се користат денес.

Таротот се состои од 78 карти поделени меѓу истите како големи и мали аркани. Големите аркани се 22 на број и се со поголемо и комплексно значење за разлика од малите аркани. Благодарение на големите аркани, ние добиваме рефлексија на многу важни делови од човековиот живот. Сепак, мора да се напомене дека картите се појавуваат и во нивната префртена форма, во која што имаат сосема друго значење. Додека пак 56 на број мали аркани се поврзани со аспектите од секојдневниот живот и со нив се преставува една минлива енергија или влијание во нашиот живот.

Многу често луѓето на тарот читањата, се бунат од симболите како мечеви и „pentacles“, нивните значења како на пример мечевите се поврзуваат со мисловниот тек и акциите на личност, додека пак „pentacles“ се поврзуваат со финансиите и кариерата.

Татјана / Фото: Приватна архива

Како Вие го добивте првиот шпил тарот карти? Дали е вистина дека не треба сами да купуваме тарот карти за себе, туку дека треба некој да ни ги подари?

– Мојот прв тарот шпил го добив на сосема невообичаен начин. Потикната од идејата да имам свој шпил тарот, објавив фотографија од преубав шпил на тарот карти на социјалните мрежи. Секако, заборавив на тоа, се додека не исконтактира со мене сосема непозната машка личност која што имаше желба да се види со мене за да ми подари нешто. Тоа беше нашата прва средба, а подарокот беше многу специфичен тарот шпил кој што е инспириран од „steampunk“ културата и е многу тежок шпил за почетник.

Вистинскиот начин да се влезе во светот на тарот картите е истите да се добиени на подарок, бидејќи така картите патуваат до нас среќавајќи се со нашата добра цел која што збогатена со интуиција може да донесе до успешни тарот толкувања.

Читањето тарот карти стана тренд на социјалните медиуми и на платформите како Јутјуб. Што мислите, зошто ова предвидување на иднината стана толку популарно меѓу младите?

– Особено ми е драго што тарот картите станаа популарни и го нема негативниот став за нив дека се окултен инструмент за некакви мрачни цели. Тарот картите станаа дел од поп-културата, особено последниве години, се повеќе застапени се тарот толкувањата на тема љубов низ платформите како Јутјуб и ТикТок.

Несигурноста на човекот, но и стравот од иднината го насочува кон алтернативни предвидувања на иднината. Но треба мошне внимателно да се одбере тарот толкувачот и да не се заборави дека тарот картите даваат насоки, а не целосни предвидувања, иако и тоа се случува.

Различни шпилови тарот карти / Фото: Приватна архива

Колку таквите генерални „извлечи карта“ интерпретирања на Јутјуб се релевантни?

– За тарот читањата да бидат релевантни и блиски до индивидуата, потребно е во живо да се поврзат со личност. Затоа генералните интерпретирања на Јутјуб може по игра на случајност да погодат некој дел од тоа што се случува во човековиот живот, но не и целосно, а најмалку релевантно. Сите што имале читање на Јутјуб се изненадени од прецизноста на картите кога станува за збор толкувањето во живо, токму поради поврзаноста на картите со личност. Секоја личност е различна и носи различна приказна, или што би рекле нашите постари судбина, па не е ни чудо дека генералните читања на Јутјуб се сосема различни и неточни секој пат.

Вие секоја недела имате тарот читање во еден скопски локал и интересот е многу голем, па за термин се чека со часови. Како изгледа една тарот сесија со Татјана?

– Многу сум благодарна и задоволна од нашата соработка со „Јавна соба“, идејата започна со нив и со мојата пријателка, а понатаму и фантастичен менаџер Наталија. Ме радува тоа што интересот е навистина голем и што имам луѓе што доаѓаат по неколку пати со поголема енергија и повеќе расположени од првиот пат. Токму и тоа беше моја цел, знам дека луѓето кои доаѓаат на тарот читањата, се често нерасположени, нивната промена кон подобро и сигурноста што ја чувствуваат додека се со мене на настанот, особено ме прави среќна.

Тарот сесијата се состои од гостопримлива и пријатна атмосфера, секој кој доаѓа е пречекан со три шпила на тарот карти од коишто треба самиот да одбере, наспроти верувањето за окултното и мрачно користење на тарот картите, нашето уредување на просторот е со ведри бои и цвеќиња.

Често се збунуваат луѓето на тарот гледањата, бидејќи очекуваат мрачна атмосфера и мило ми е што им ги рушиме нивните предрасуди. Секој што доаѓа на тарот си одбира своја тема на која што сака да биде читањето, прашања на кои што сака да се одговорат како и насоки за одредена ситуација. Ме радува што и покрај тоа што ова е прв ваков настан кај нас, луѓето после тарот читањата си заминуваат со една пријатна енергија и покрај тоа што се вчудоневидени од читањата и нивната прецизност.

Картата „Љубовници“, една од најубавите карти во таротот / Фото: Приватна архива

Дали постои некоја тема која никогаш не ја обработувате додека ги интерпретирате картите? И постојат ли добри и лоши карти?

– Да, темата којашто никогаш не ја обработувам е здравјето, иако тоа е интересот на повеќето луѓе, сметам дека не е благодарно од таротот да се дознае за истото. Тоа е како едно непишано правило на таротот, прашај за што и да сакаш, секако по можност да е од добра намера, но не прашувај за здравје. Има добри и лоши карти во таротот, но сè зависи од нивната поставеност.

Многу често луѓето се ужасуваат кога ќе ја видат картата „Смрт“, очекувајќи дека нешто лошо ќе се случи поврзана со нечија смрт. Напротив, тоа не значи крај на нечиј живот, таа карта за поврзува со крај на некоја етапа, почеток на нешто подобро, некоја голема промена и трансформација.

Друга карта која е многу траорна за повеќето е „Кула“, симболите се многу хаотични, особено со кулата што се руши и двајца што паѓаат од неа. Кулата ги репрезентира нашите амбиции и цели кои не се поставени на цврсти темели. Громот симболизира нагла и неочекувана промена. Меѓутоа ако се појави обратно картата има сосема друго значење и се поврзува со стравот од промени, како и со одбегнување на голема несреќа.

Колку често би требало некој да побара совет од тарот? Постои ли пречесто или може, на пример, секој ден?

– Како и за повеќето нешта во животот на човекот, така и за тарот картите, консултацијата со нив треба да биде умерена и предизвикана од добра намера или побуда. Пречестото консултирање на совет од таротот не носи ништо добро, туку напротив, сите прескажувачки симболи на картите се всадуваат во нашата потсвет и влијаат врз слободната волја и врз донесувањето на одлуки понатаму.

Многу е точно тоа дека тешко се бива трпелив за да не се побара често толкување од картите, бидејќи се многу заразни и привлечни од првото читање. Сепак, мора да се биде трпелив и да не се бараат одговори секој ден.

Тарот карти / Фото: Приватна архива

А, дали ги користите тарот-картите како водич за својот живот?

– За жал, секој кој толкува на тарот карти е онеспособен да ги користи како водич за себеси. Иако, имам пробано, јас не резонирам со моите карти кога станува збор за мојот живот. Често луѓето мислат дека толкувачите на тарот картите го поминуваат својот ден во мешање на карти и поставување на прашања, и за жал или среќа тоа не е така.

Кој е Вашиот совет за сите почетници во тарот?

– Мојот совет за сите почетници во таротот е да влезат во тој свет мошне одговорно и со добра намера. Мора особено внимателно да се ракува со тарот картите и претпазливо со нивната употреба, тоа не смее да биде многу често!

Иако има многу прирачници за тарот картите и туторијали, мојот најискрен совет е да се држат кон интуитивното толкување на тарот картите. Да, потребно е да знаат што означуваат симболите и елементите во тарот картите, и што значи кога некоја главна аркана е превртена, сепак требаа да бидат поведени од енергијата на тарот картите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот