• вторник, 23 април 2024

Независни новинари и етичка технологија во медиумите, визија на проектот „Медиуми во Република Северна Македонија 2040: Препораки“

Независни новинари и етичка технологија во медиумите, визија на проектот „Медиуми во Република Северна Македонија 2040: Препораки“

Скопје, 27 март 2024 (МИА) - Во 2040 година, професионалните и независни новинари се безбедни и ослободени од несоодветни влијанија, етичкото користење на технологијата игра клучна улога, помагајќи им на медиумите да ја исполнат својата должност кон јавниот интерес и да бидат гласот на граѓаните за добро информирано, инклузивно и демократско општество.

Вака е предвидена иднината на медиумите во нашата држава која произлегува од проектот „Медиуми во Република Северна Македонија 2040: Препораки“ што се реализира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Според деканот на факултетот, Сашо Георгиевски, овој проект гледа кон иднината.

- Веќе 40 години има студии по новинарство. Многу имиња, познати новинари се произлезени од тие студии. Студиите имаа и подеми и падови, проектот гледа кон иднината, рече тој.

Деканот информираше дека покрај овa, факултетот во моментов реализира и проект грантиран од САД со кој, како што рече, ќе се подигне квалитетот и ќе се отворат студиите за практична работа на студентите.

- Mногу скоро ќе имаме мултимедијално студио, опремено, современо, во функција на студентите, и тука ќе се одвива практичниот дел од наставата, дополни тој.

Професорката Јасна Бачовска Недиќ, истакна дека целта на проектот е како студентите уште во времето на студии да се почувствуваат како фактор на иднината.

- Дајте ги решенијата, проблемите ги знаеме, ги живееме, мали плати, корупција, големи притисоци во медиумите. Новинарските студии се авангарда. Новинарската професија треба да бидд отворена, секој треба да може да биде новинар, но, за секое општество треба да има јадро на професионални новинари. Само образованите новинари ја познаваат етиката. Мора да ја задржиме традицијата на висока интелектуализација на новинарите, рече таа.

Дополни дека целта на настанот и проектите e промоција на студиите по новинарство, имајќи предвид дека, како што рече, Македонија е во најголема криза со број на студенти по новинарство.

Во рамките на настанот се одржува и тркалезна маса на која ќе учествуваат Билјана Ѓоргиевска, претставник на Советот за етика во медиумите на Северна Македонија, Перо Момировски, претставник на Синдикатот на новинарите, Анета Андоновска, уредник во Македонската телевизија, Жаклина Хаџи-Зафирова, медиумски и комуникациски консултант и Мила Тодоровска, Милош Стојановиќ, Тео Николовски, Теа Димковска, студенти на проектот.

Настанот е во рамките на регионален проект на јавните универзитети и студии по новинарство. Проектот е подржан од Кралството Холандија. ар/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан