Една од главните теми во кулоарите на институциите на ЕУ изминативе недели е именување на германскиот европратеник Маркус Пипер за европски претставник за мали и средни претпријатија.

Пипер е малку познат во пошироката јавност, но важи за многу влијателен во редовите на неговата Христијанско демократска унија (ЦДУ). Духовите се разбрануваа затоа што најавата за именувањето на Пипер на новата должност дојде само неколку дена пред ЦДУ да ја објави својата поддршка за кандидатурата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за втор мандат на оваа функција, како т.н. шпиценкандидат на десноцентристичката Европската народна партија (ЕПП).

 

Дополнителен проблем настана и по објавувањето на „инсајдерски информации“ дека двете проивкандидатки на Пипер за функцијата, Чехинката Мартина Длабајова и Швеѓанката Ана Стелингер, наводно покажале за 30 проценти подобри резултати на тестовите во постапката за селекција.

Повеќе медиуми поклопувањето на добивањето поддршка за Фон дер Лајен од нејзината матична партија и именувањето на влијателниот сопартиец го оценија како „сомнително“, а дополнителни објаснување побараа и некои членови на Европската комисија, што доведе целиот случај да биде наречен афера „Пипергејт“.

 

Според медиумски информации, писма со „критичка содржина“ за ова прашање до Фон дер Лајен упатиле високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жосеп Борел, како и еврокомесарите Тјери Бретон, Паоло Џентилони и Николас Шмит. Борел, Џентилони и Шмит доаѓаат од редовите на партии членки на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), а Бретон од Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон, која е дел од либералната група „Да ја обновиме Европа“. Дополнително, Шмит е шпиценкандидат на СД и со тоа директен ривал на Фон дер Лајен на изборите.

Во приказната, минатата недела се вклучи и Европскиот парламент кој ја повика Фон дер Лајен да го поништи именувањето на Пипер и побара да биде спроведена „вистински транспарентна и отворена процедура“ при назначувањето европски претставник за мали и средни претпријатија.

 

Германскиот европратеник Даниел Фројнд од редовите на Зелените дури посочи дека Пипер бил избран единствено затоа што член на ЦДУ, иако двете други кандидатки за таа должност се покажале „поквалификувани“.

Фон дер Лајен засега не реагираше јавно на овие прозивки, но обвинувањата за кронизам и фаворизирање на својот сопартиец би можеле да го поткопаат нејзиниот углед, особено во пресрет на јунските евроизбори.

Професорот по европска политика од Католичкиот универзитет во Лувен, Стивен Ван Хеке во изјава за белгиската државна телевизија што емитува програма на фламански јазик ВРТ, оцени дека ваквите напади врз Фон дер Лајен не претставуваат изненадување.

– Фон дер Лајен е водечка фигурата на кампањата на ЕПП и во пресрет на европските избори ќе биде користена секоја грешка што таа ќе ја прави, вели Ван Хеке.

Според него, критиките на сметка на Фон дер Лајен се „само делумно оправдани“, бидејќи не претставува никаква новост европските комесари на одредени функции да назначуваат свои сопартијци.

Тој додава дека „за разлика од системот во Белгија“, европските комесари имаат мали кабинети и немаат многу простор за вработување и именување. Според Ван Хеке, ако Пипер бил ангажиран само во Кабинетот на Фон дер Лајен неговиот мандат би истекол во октомври, а вака со именувањето како претставник за мали и средни претпријатија тој би останал на оваа должност неколку години.

Ван Хеке смета и дека на именувањето на Пипер не треба да се гледа само како на кронизам, бидејќи можно е тоа да претставува политички потег на Фон дер Лајен.

– Тоа е можеби сигнал до ЦДУ дека таа сака да стави поголем акцент на интересите на малите и средните претпријатија во рамките на нејзината европска политика. Но, за тоа е многу доцна. Тоа е како да признаете дека всушност сте обрнале премалку внимание на ова прашање во изминатиот период на функцијата, забележува Ван Хеке.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.